Како и сите бразилски фудбалери, така и Карлос Едуардо (25) почнал да игра на асфалт, во помала населба во Рибериао Прето. Подоцна професионално ќе заигра мал фудбал, а на голем терен излегува во дресот на Деспортиво Бразил. Кариерата ја продолжува во Итуано, Флуминенсе и Гремио Баруери.
Во 2010-та година, со брод пристигнува во Португалија, каде потпиша со Есторил. Во првата сезона со Карлос Едуардо во шпицот, португалскиот клуб влегува во првата лига, а Бразилецот на 27 натпревари постигнал 5 гола.
Следува трансфер во Порто, кој во 2013-та за него плаќа 800.000 евра. Во шампионот на Португалија, Едуардо не добива доволно прилика да игра и на вкупно 17 средби дава 4 гола и 4 асистенции. На инсистирање на тренерот Клод Пуел, летово замина во Ница на позајмица. Карлос Едуардо досега за Ница одигра 524 минути и на 6 натпревари постигна 7 гола.
Сè до претходниот викенд, малку луѓе знаеа за него, но откако го торпедираше Генгам со пет гола, цената на Карлос Едуардо нагло порасна. Ница славеше 7:2, а Бразилецот ја искина противничката мрежа, по што противничкиот голман ги фрли ракавиците во канта. На тој начин го израмни клупскиот рекорд на Ница, кој го поставил Жист Фонтен во 1956-та. Фонтен во '58-ма бил најдобар стрелец на СП во Шведска со 13 гола, а истата сезона против Ленс (6:1) постигнал 5 погодоци на еден натпревар.
Во француската Лига 1, последен пат еден играч дал 5 гола на еден натпревар пред 30 години. На 1. април 1984-та година Филип Анциани од Оксер му дал 5 гола на Тулон (8:2). Најмногу голови на еден натпревар во Франција дал Тони Курбос, словенецот со германско потекло кој играше за Мец. Курбос на 28. април 1984-та го потопил Ним со 6 гола (7:3).