Хесус Хил од Атлетико Мадрид

Каков беше шпанскиот фудбалски Доналд Трамп

Го снимиле како го прашува неговиот одгледувач на коњите дали да го избрка тренерот или не, прославувал триумф над Реал Мадрид качен на слон по улиците, пред мечот против Ајакс го нарекол овој клуб ФК Конго поради многуте црномурни играчи од Суринам.

Замислете ја сцената: Мулти-милионер седнат во џакузи, опкружен од неколку млади девојки во бикини, доволно млади што можат да му бидат внуки и дава интервју за популарно ТВ шоу. Ова е кратко сиже’ од политичката кариера на еден од најконтроверзните ликови во фудбалот познат по ксенофобијата и навредливите коментари.

Не, не е тој што мислите. Не е Доналд Трамп. Ова е приказната за Грегорио Хесус Хил, поранешен градоначелник на Марбеља и поранешен претседател на Атлетико Мадрид кој почина на 71 година во 2002-та.

Многу Шпанци кога ја гледаат циркуската претстава пред изборите за претседател во Америка, се сеќаваат на една слична ексцентрична политичка фигура од времето.

Во јуни 1969 година, тазе изградениот комплекс во Сеговија кој бил изграден од копманијата на Хил, трагично се срушил при што загинале 58 луѓе, а 700 од гостите кои биле поканети на премиерното отворање биле повредени. Истрагата која следувала покажала дека целиот проект имал многу недостатоци, инвеститорот безобзирно ги смалувал трошоците и не консултирал архитекти ни геометри.

Притоа, цементот не бил доволно сув и веќе познатиот Хесус Хил бил осуден на 5-години затвор иако после 18 месеци диктаторот и генерал Франциско Франко лично го ослободил.

Четири години подоцна, во Бруклин во 1973 година, Доналд Трамп исто привлекол внимание во New York Times. Обвинувањата не биле толку сериозни како оние во случајот со неговиот шпански близнак. Трамп бил обвинет дека не ги издавал ниту продавал неговите станбени објекти на луѓе од друга раса и дека неговата компанија не вработувала црни луѓе.

Не требало многу време за двајцата да ја обноват својата репутација, односно нивниот углед.

Само две ноќи пред претседателските избори во клубот Атлетико Мадрид 1987. година, Хесус Хил се појавил во елитниот ноќен клуб „Јакара“ во Мадрид со ѕвездата на Порто Пауло Футре под рака. Хесус се пофалил дека има договор со португалскиот клуб и дека и дека Футре ќе стане „Јорганџија“ ако Хил победи на изборите.

Така и се случило. Хил го победил главниот ривал Енрике Санчез де Леон. Хесус добил 6.219 гласа, а неговиот противник 3.465 гласа. Тоа значело и дека Атлетико Мадрид веќе никогаш нема да биде ист клуб.

Хил тргнал добро, клубот ја освои долго очекуваната титула во сезоната 1995/1996 под водство на Радомир Антиќ, четири пати завршувал меѓу првите четири екипи во Примера во првите пет сезони и со три трофеи во Копа дел Реј во 1991, 1992 и 1996 година. Но тоа не го сменило ексцентричниот карактер на Хесус Хил кој почнал со циркузот.

Во 1992 година Хил контроверзно го конвертирал Атлетико во ‘Sociedad Anónima Deportiva’ или ’Јавна спортска компанија’ (Public Limited Sports Company). Хил веќе се чуствувал како „жаба во топла вода“, на свој терен, почнал со малверзациите а за реакција од навивачите веќе било доцна.

Хил и неговиот бизнис партнер и сегашен претседател денес на Атлетико - Енрике Черезо биле обвинети за тоа што илегално присвоиле околу 236.056 акции во клубот, но случајот застарел и тие ги задржиле акциите за себе. Поради тоа синот на Хил, Мигел Анхел Хил Марин ден денес директно или индиректно уште поседува половина од акциите во Атлетико.

Како кражбата на нивниот најсакан клуб да не беше доволна, па навивачите на Los Colchoneros во истата година доживеаа Хесус Хил да ја затвори и младинската академија како „една од мерките на штедливост“. Така еден талент како Раул морал да го земе ранецот и да се пресели кај комшиите од Сантијаго Бернабеу.

Во меѓувреме, преку Атлантскиот океан, кариерата на Трамп била паралелна како и на Хил. Во ’80-те години кои биле златни за Американците, „Trump Tower“, отворена во 1983-та била најпозната во Њујорк. Бројни други проекти во втората половина на ’80-те биле златни кокошки на Трамп, а бизнисменот бил инволвиран и во елитното Атлантик Сити казино. Како и неговиот „близнак“ Хил, и Доналд Трамп се обидел да води спортски клуб со тоа што го купил клубот за американски фудбал, New Jersey Generals.

Во 1991. година Хесус Хил ја основал крајно десничарската политичка партија Grupo Independiente Liberal скратено GIL (Хил) - и бил избран за градоначелник на Марбеља следната година. Освоил две третини од гласовите и 19 од 25 советнички места. На бирачите им било доста од истата реторика и Хил им донел како свеж лик во општото сивило.

Ги освоил гласачите со неговата „визија“ за враќање на стариот сјај на познатото шпанско летувалиште Марбеља со тоа што би ги депортирал илегалните имигранти од муслиманските земји, слично на реториката на Трамп последниве месеци.

И покрај тоа што една политичка ривалка нарекол „курва“ и имал многу испади, Хесус Хил бил реизбран уште три пати и останал најпопуларниот градоначелник во Марбеља.

Во меѓувреме ја шокирал јавноста со изјавите дека „би пукал со автомат во играчите на Атлетико ако не се залагаат доволно“. Го снимиле и како го прашува неговиот одгледувач на коњите дали да го избрка тренерот или не, им праќал поклони на судиите пред натпреварите, ја прославувал двојната победа над Реал Мадрид качен на слон по улиците, пред мечот против Ајакс го нарекол овој клуб ФК Конго поради многуте црномурни играчи од Суринам. Во емисијата ‘Las Noches De Tal Y Tal’ која била најпопуларна во Шпанија дал интервју легнат во џакузи со неколку девојки во бикини околу него.

Кога сметал дека е во зенитот на својата кариера, Хил сакал да стане премиер на шпанската влада „со цел да ја исчисти Шпанија“, но политичките амбиции наскоро му завршиле тука. Во октомври 1998 година, агенти на анти-корупциската агенција на Шпанија влегле во градскиот совет во Марбеља и на стадионот „Висенте Калдерон“ за да испитаат основани сомневања за затајување данок.

Главното обвинение било тоа што општината Марбеља била генерален спонзор на дресовите на Атлетико и преку овој пат се переле пари.

Како резултат на тоа, Хил добил 28-годишна забрана за било какво политичко учество. Во април 2002. година го напуштил местото градоначалник. Тоа не значело и конено згаснување на партијата GIL, но таа веќе никогаш не била иста без нејзиниот лидер.

На крајот, саканиот и омразениот Хесус Хил почина во мај 2004. година на 71-годишна возраст. Зад себе остави многу неодговорени прашања и репутација на насилство, расизам, хомофобија, сексизам и корупција. Шпанија никогаш не очекувала да види повторно некој како него, но 12 години подоцна, многу Шпанци кои живеат во САД на телевизиските екрани како да го гледаат двојникот на Хесус Хил.

Марбеља во негово време била исчистена од имигранти, проститутки, бездомниците биле вдомени, но ова летувалиште ги отворило вратите на организираниот криминал од Европа и брзо станал престолнина на разни мафијаши со што го добила прекарот Costa del Crime.

По смртта на Хил, Атлетико првпат во пост-воената историја испадна од лигата и клубот беше презадолжен и пред колапс.