Пред 24 години легендарните Фаустино Асприља и Андреј Шевченко дури 3 пати ја гаѓаа мрежата на славната Барса во Лига на шампиони.
На лудиот Колумбиец тоа му тргна од рака во дресот на Њукасл, кога на „Сент Џејмс Парк“ со 3:2 ја урнаа Барселона.
А приказната со Шевченко беше уште посимпатична, затоа што Андреј тогаш беше млад, полетен украински фудбалер, непознат за поголемата јавност во Европа. Интересно, Динамо Киев, предводен од докторот за фудбал Валериј Лобановски, прво со 3:0 ја згроми Барселона во Киев, а после пар недели гостуваше во Каталонија.
Луис Фиго пред реваншот на Камп Ноу самоуверено изјавил: „Ќе ги скалпираме“. Ама испадна тотално спротивно.
Андреј Шевченко со 3 гола во прво полувреме ја уништи Барселона, а Сергеј Ребрев, неговиот ортак во нападот, во втор дел ги постави конечните 0:4.
Barcelona 🆚 Dynamo Kyiv in 1997:
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) October 1, 2020
Shevchenko ⚽️⚽️⚽️
Rebrov ⚽️@dynamokyiven | #UCLdraw pic.twitter.com/nIKAr8nejK
Андреј првите два гола ги даде со глава: во 9' минута се отвори маестрално и во голем стил по еден центаршут од слободен удар го отвори резултатот.
Во 32' минута скокна многу повисоко во дуел со голманот Витор Баија и зголеми на 0-2. На крај тргна во продор, ги издрибла Коуто и Бархуан и доби пенал којшто спокојно сам го изведе за неверојатен подвиг: хет-три во прво полувреме против Барселона на гости.
Таа сезона 1997/1998 стана магична за Шева: 21-годишниот Украинец (уште помлад од Мбапе) постигна 19 гола во украинското првенство, 8 во Купот на Украина и 6 во Лига на шампиони.
Овие чудесни настапи го рекламираа Шевченко во цела Европа. Динамо Киев како прв во групата се пласираше во плејофот а Барса заврши како последна во групата со мизерни резултати.
„Секако, имавме верба. Мислам дека нема смисла да играш такви натпревари ако немаш верба во сам себе“, изјавил Шева после тој меч а гигантите на европскиот фудбал веќе почнале да ѕвонат во Киев за него.
Следна станица му беше Милан каде стана најдобар светски напаѓач, освои Лига на шампиони во 2003-та (негов решавачки гол во пенал серијата) и како најдобар стрелец освои Златна топка во 2004-та.