За било што да се информирате во врска со ЛШ, прво кажете му едно огромно благодарам и запаметете го името на Габриел Ано, мозокот на нашето омилено натпреварување со кое пивото е секогаш послатко.
Се работи за новинар од реномираниот магазин Equipe, роден во 1889-та, но и поранешен фудбалер и репрезентативец на Франција кој настапувал во француското и германското првенство во периодот од 1906-та и 1919-та година.
Ханот веројатно и ќе останел во фудбалските води, ако не му се случела авионската несреќа по која ја оставил топката и се впуштил во новинарски води. Освен што му дошла идеја за натпреварувањето кое постои веќе 63 години, тој во 1932-ра година го формирал француското првенство Лига 1, а од 1945-та до 1949-та бил селектор на Франција.
ОД КАДЕ ИДЕЈАТА ЗА ЛШ
На 13 декември 1954-та Вулверхемптон на домашен терен одиграл пријателска средба со Хонвед од Будимпешта предводен од легендарниот Ференц Пушкаш.
Зборуваме за период во кој Англичаните полни со самодоверба мислеле дека ќе доминираат на Мундијалите 1950 и 1954, но напротив им се случил дебакл. На првото Светско за нив, биле совладани од САД која се сметала во тоа време за аматерска селекција, што значело елиминација уште во групна фаза, а четири години подоцна следувало елиминација во четвртфинале од Уругвај.
Меѓу тие две Светски првенства, Англија била декласирана во два наврати од Унгарија. Прво на Вембли 3:6, а потоа во Будимпешта 7:1, пораз кој и ден денес се смета за еден од најтешките во историјата на Гордиот Албион.
Пријателската меѓу Вулверхемптон и Хонвед завршила 3:2 за англискиот тим, кој еден месец претходно дома го победил и Спартак Москва со 4:0. По таа серија од само две победи, Дејли Мејл излегол со наслов: „Да ги поздравиме светските шампиони Волвс“.
Габриел Ано присуствувал на средбата, но не се сложил со текстот кој излегол во познатиот англиски весник и уште наредниот ден му аплицирал на новинарот со наслов „Не, Вулверхемптон не е сè уште светски шампион“.
Францускиот новинар напишал дека за да бидат светски прваци треба да победат и во Москва и Будимпешта, како и да слават против други екипи од Европа, а не само против две.
Така Ано ја лансирал идејата за едно големо европско првенство меѓу клубови за да се види кој е најјак и од Equipe со дозвола од газдата на магазинот, без двоумење испратиле можен нацрт за натпреварувањето кое го адресирале не само до главните тела на фудбалот (ФИФА и УЕФА), туку и до сите големи европски клубови.
Интерес за иницијативата покажал само претседателот на ФИФА, Родолф Вилијам која за жал не можел да ја реализира, бидејќи светската куќа на фудбалот е организатор на напревари меѓу репрезентации.
Алфредо Ди Стефано со првиот трофеј 1956 година.
КАКО ПОЧНАЛА ЛШ
На 2 и 3 март 1955-та на конгресот на УЕФА во Виена, Габриел Ано заедно со колегата Жак Феран им го претставиле проектот на европските федерации. УЕФА се изјаснила дека нема надлежност по ова прашање, бидејќи не се работи за првенство меѓу репрезентации, но од идејата бил фасциниран првиот човек на Реал Мадрид, Сантијаго Бернабеу, како и селекторот на Унгарија, Густав Себес.
Еден месец подоцна во Париз се одржал состанок на кој биле поканети сите заинтересирани клубови и каде од страна на редакцијата на Equipe бил претставен правилникот, а исто така бил формиран и организациски комитет во кој за претседател бил назначен Французинот Бредињан, а потпретседатели Бенабеу и Себес.
По овој ненадеен собир, УЕФА се почувствувала како во опасност што не е дел од раѓањето на еден ваков проект и на 6 и 7 мај или околу еден месец подоцна, во Лондон го свикала комитетот за итност на кој одлучиле да испратат итна порака до ФИФА.
Од нив побарале да ги испитаат условите во врска со организација на овој настан се со цел да се обезбеди усогласеност со меѓународните стандарди кои ги регулираат одговорностите на националните федерации.
Од ФИФА одговориле позитивно до УЕФА со две главни точки: Националните федерации имаат право да ги авторизираат клубовите кои се под нивна капа, а натпреварувањето треба да биде управувано директно од УЕФА.
Така, на 21 јуни 1955-та година биле донесени правилата на натпреварувањето кое на почеток го носело името Европски Куп на клупски шампиони или поедноставно Европски Куп.
Првото издание стартувало на 4 септември 1955-та на кое учествувале 16 екипи од 16 земји. Се почнувало со осминафинале, четвртфинале и полуфинале со реванши како и еден финален натпревар.
Првиот трофеј го подигнал Реал Мадрид кој го освоил пет години по ред, а денес има рекордни 13 трофеи, пред Милан со 7, а Ливерпул, Баерн и Барселона со по 5.
Најелитното клупско европско натпреварување најголемите револуционерни промени ги претрпе во сезоната 1991/1992, кога после титулата на Панчев и Најдоски со Ѕвезда, од Куп на Европски шампиони се преименува во Лига на шампиони и доби нов систем на натпреварување кој стартува со групна фаза.
Новобрендираната ЛШ си доби и химна која стана препознатлива и која нема играч или навивач кој не го допира во срце. Инаку Габриел Ано, човекот кој го смисли ова фудбалско лудило, почина во 1968-ма година, на 78 годишна возраст. Многу ти благодариме.
А сега плеј