Како Роман Абрамович го промени фудбалот

На 1 јули во 2003-та година од никаде се појави еден тивок Русин со желба да купи фудбалски клуб. Десет години подоцна, не само што тој стана еден од најуспешните газди, Роман Абрамович го смени фудбалот во Англија и Европа.

Во април 2003-та година додека вниманието на фудбалската јавност беше насочено кон мега дуелот помеѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, на трибините во Манчестер се појави непознат милијардер од Русија со желба да ги вложи парите во фудбалски клуб.

Неколку денови подоцна тој веќе имаше закажано состанок со челниците на Челси. Средбата траела само 15 минути. Абрамович не се двоумел, ниту пак се ценкал за сумата. Тој веднаш се согласил да плати 140 милиони фунти и да ги покрие долговите и на 1 јули во 2003-та година тој ја започна новата ера на Челси.

Два месеци подоцна, клубот кој претходно се наоѓаше во тешка финансиска криза, веќе имаше потрошено 100 милиони фунти за нови фудбалери.

Две години подоцна, Џон Тери веќе го подигна првиот трофеј од Премиер лигата. Роман Абрамович за изминатата декада потроши 700 милиони фунти за нови засилувања и освои 13 трофеи со помош на 9 различни тренери.

Таинствениот Русин кој за 10 години има дадено само едно интервју, не само што го трансформираше Челси, туку ја промени и англиската Премиер лига, но и фудбалот во Европа.

Просечниот англиски клуб го претвори во европски гигант, а ја започна и новата ера на вложувања во фудбалските клубови. Никој индивидуално претходно не вложи толкави пари во европски фудбалски клуб.

Еден од најбогатите луѓе на планетата, чиј прв бизнис бил продавање на гумени пајчиња од неговиот стан во Москва, го стекнал своето богатство благодарение на неговиот каректер и желбата за успех. Токму оваа негова желба за успех и победа се клучниот фактор за успехот на Челси во изминатат декада и филозофија со која заедно со Мурињо ќе го предводат клубот кон нови успеси во иднина.

1 јули 2013 - 13:17