Еднаш кога Маурисио Почетино го прашале кој е подобар - Меси или Марадона овој неочекувано одговорил: „Марадона е на прво место. А дури потоа Меси“.
Еден од најдобрите тренери во Премиер лигата денес, речиси пола живот му посвети на Еспањол и него често го обвинуваа дека има антипатија кон клубот Барселона и нејзината генијалност поради вечниот ривалитет.
Но не пишуваме сега за тоа. Ќе зборуваме за тоа што Марадона на Почетино му бил идол, лик чиј постер му висел над креветот и со кого делел соба во еден период од младоста. Минатата есен Почетино објави автобиографска книга Brave New World: Inside Pochettino’s Spurs во која раскажал и за заедничкиот живот со Диего. Фотографијата на Марадона со пехарот од Светско му висела во собата на Маурисио кога тој го направил првиот чекор во кариерата и како мал се преселил во Росарио.
„Отсекогаш сакав да спијам под будното око на Марадона“, се сеќавa Почетино.
Маурисио лично се запознал со идолот во 1994 година кога Диего на неколку месеци дошол во Њуелз Олд Бојс, првиот професионален клуб на Почетино.
На почеток младиот стопер добил телефонски број од херојот на нацијата: магичната комбинација бројки Маурисио ја добил од тренерите кои побарале од играчите да му заѕвонат на Марадона пред потписот на договорот и да му посакаат добредојде.
„Се двоумев: Да ѕвонам или да не ѕвонам? Да, ќе земам и ќе му се јавам, проклетство!“, си зборел во себе Маурисио.
На крајот решил да му заѕвони: „Ало? Да, Диего, овде Маурисио Почетино, твојот иден соиграч. ’Поче!’, кратко одговорил Марадона. „Кога слушнав Поче само што не паднав од столицата. Следниот ден сите дојдовме на стадионот на Њуелз во очекување на големиот момент. Се собраа 40.000 луѓе! Тоа беше лудило. Го гледавме и мислевме: ’Не е реално’.
Почетино станал уште посреќен кога баш него го сместиле во иста соба со Марадона во пред мечевите. Првите две-три ноќи Маурисио не можел да заспие од возбуда и гледал во Диего кој два три метри од него хрчел гласно.
Со време Почетино се привикнал на тоа дека живее со легендата и престанал да го гледа навечер.
„Еднаш лежевме на креветите и гледавме фудбал. Не памтам кој натпревар беше но ние, како и сите други фудбалери, почнавме да ги критикуваме играчите. ’Гледај од каде шутира’, коментирав јас кога еден играч издрибла еден, двајца, но од третиот ја изгуби топката: ’Што се замислува овој бе? Марадона’? Во ист миг ја прекрив устата со рака но Диего веќе умираше од смеење“, пишува Почетино.
„Тоа беше време кога уште не беа измислени далечински управувачи за телевизорите. Еднаш кога седевме во собата, на телевизија имаше некоја глупава емисија: ’Што се овие глупости’?, реков и му се свртев нему: ’Диего, смени канал, пушти нешто друго’. А Диего стана од кревет и почна силно да стиска по копчињата од телевизорот. Во еден момент застана и го исклучи телевизорот: „Пи*ка ти мај**на, што се замислуваш ти бе? Ја сум Марадона! Ти можеш и сам да си смениш канал“!
Идилата не траела долго.
Њуелз Олд Бојс се спремал за новата сезона во сончевата Мар дел Плата каде има пространи плажи.
Едно утро кога се разбудил, Почетино не го нашол Марадона во собата. Вечерта се играло конференциско финале на кошаркарската лига на Аргентина - Диего обожавал кошарка и кога можел одел да гледа. Утрото го немало ни на доручек ни на тренинг.
Каде се криел Марадона целата земја дознала на телевизија - тој се криел во еден паркиран Мерцедес и пукал од воздушна пушка по новинарите кои го следеле. Во Буенос Аирес. На 400 километри од Мар дел Плата!
После пола година Марадона пак ја зезнал работата - по мечот на Аргентина со Нигерија на Светското првенство 1994 година во крвта на Диего му нашле забранета супстанца ефедрин. Но Почетино го сочувал сеќавањето на Марадона кој уште не ја изгубил битката со своите демони.
„Јас го обожавам Марадона и сè што е со него поврзано. Јас го знаев правиот Марадона. Ретко кој го видел него таков. Правиот Марадона на терен и надвор од него каде го држеше лудоста. Малку игравме заедно но моите сеќавања за Диего секогаш ќе бидат лични“.
Некогашните цимери се виделе во октомври лани кога Марадона дошол на „Вембли“ во Лондон. Дента Тотенхем со 4-1 го прегази Ливерпул а Диего за среќа не пукал во никого.
When Maradona met Harry and Hugo 🙌 pic.twitter.com/78kZaNP76F
— Tottenham Hotspur (@SpursOfficial) October 23, 2017