Кога генијалниот Дејан и Милан ја урнаа златната епоха на Барселона

На денешен ден пред точно 26 години италијанскиот гигант ја имаше можеби најубавата вечер во својата вековна историја. Со скрпен тим, без неколку главни играчи мораше да се борат против страшната Барселона на Кројф, Ромарио, Стоичков, Гвардиола...

Падот на големите екипи секогаш се објаснува со две-три основни теории: презаситеност од трофеи, изгубена самодоверба, грешки на управата итн. Сево ова историски големите клубови ги води кон брз пад.

Големата Барселона од ерата на Јохан Кројф беше неверојатна. Како што пишал еден шпански спортски новинар: „Оваа Барса на Кројф е премногу совршена за да опстои во нашиот несовршен свет“.

Пред култното финале на Лига на шампиони со Милан во Атина во 1994-та, никој не сомневал дека Каталонците на „Камп Ноу“ ќе донесат уште еден голем пехар, најголемиот, оној „ушестиот“.

Оваа Барса на Кројф четири години по ред ја освојуваше титулата во Шпанија, ја прекина ерата на Реал со Бутрагењо, освои Лига на шампиони на „Вембли“ во 1992 година, освои Куп на Купови и Супер Куп на УЕФА, Куп и Супер Куп на Шпанија. Буквално сè.

На две недели до финалето со Милан 1994-та, сите веќе го гледаа Кројф со пехарот во раце. Цела Европа го чекаше 18 мај да ја види „екипата од соништата“.

Но сонот им се претвори во кошмар. После Атина Барселона не освои ниту еден трофеј со легендарниот Јохан Кројф, еден од најголемите на сите времиња.

Во летото 1996-та потпретседателот на клубот Жоан Гаспар објавил дека клубот го отпушта Холанѓанецот. Ниту клубот ниту Кројф не се справиле со горчината на поразот во Атина.

Пред финалето Кројф рекол пред новинарите:

„Ние сме фаворити. Подобри сме, поискусни и поспремни отколку што бевме на 'Вембли'. Милан ја гради својата игра на одбрана, а ние на напад“.

Холанѓанецот со само неколку збора ја илустрирал целата споредбена трансфер политика на двата клуба. Барса таа сезона го потпиша Ромарио кој постигна 30 гола на 33 меча, а Милан за исти пари го донесе Марсеј Десаи.

Подоцна Алесандро Костакурта изјави дека токму таа изјава на Кројф ја измотивирала неговата екипа: „Ако не го кажеше тоа, сè можеше да биде поинаку“.

А бензин на огнот фрлале и шпанските медиуми кои не отстапувале од амбициозниот Холанѓанец. На денот на мечот El Mundo Deportivo напишал дека Барселона го преживува својот најсладок момент и ќе игра против најслабиот Милан во ерата на Берлускони.

За оние малкумина кои сомневале, весникот додал: „Кројф е победник, Капело не е “.

Паоло Малдини се сеќавал дека дури и меѓу нив во Милан силно сомневале дека ќе можат да и оддолеат на Барселона на Јохан Кројф.

„Ние не бевме фаворити и го знаевме тоа“, рекол легендарниот бек на Милан.

Притоа во составот на „росонерите“ не беа Гулит, Рајкард и повредениот Ван Бастен како и најскапиот фудбалер на светот во тој момент Џанлуиџи Лентини. Отсуствуваа и двајца од четворицата стандардни одбранбени фудбалери на Милан - Барези и Костакурта.

Освен тоа правилата на УЕФА во тоа време налагаа ограничување на странци на теренот, па Капело не можеше да смета на Флорин Радичоју, Жан-Пјер Папен и Брајан Лаудруп. Парадоксално, но неоптималниот крпен состав и страшната форма на Барса му помогнаа на Милан. Клучен фактор била излишната самоувереност на Каталонците.

Легендарниот бек и стопер на Барса Карлес Решак кој долги години работи во стручниот штаб на клубот, еднаш раскажал:

„Ние отидовме во Атина да го земеме пехарот, а не да се бориме за него. Не се спремавме, не ни фалеше конентрација. Атина беше почеток на крајот. Во тренерската работа на Пеп Гвардиола може да се видат принципи на работа на Кројф, но тој е построг, посериозен, со строго ниво на подготовки кое кај Јохан го немаше“.

Тимот на Кројф кој истрча во Атина беше еден од најдобрите во историјата на европскиот фудбал (подобар од него можеби само онаа Барса на Пеп Гвардиола). Тоа го признаваа сите кои ги гледале во живо.

Кројф ја менувал структурата на игра, го менувал фудбалот од корен и направил револуција на најдобрите стадиони во Европа.

Пред финалето на Купот на европски шампиони против Сампдорија, Кројф им рекол на играчите: „Истрчајте и уживајте во фудбалот“. А пред финалето на ЛШ со Милан им рекол: „Вие сте подобри од нив, вие победувате вечерва“.

Но така не мислеше и стариот лисец Фабио Капело. Тој фудбалски кажано, ја задуши средината на Барса. Десаи успеа да го добие секој дуел, Албертини создаваше ашнси, а Гвардиола не можеше да се справи со нив двајца во среден ред.

Барса просто не можеше да развие игра и да ја пренесе топката до голот на Милан. Ромарио и Стоичков беа бескорисни.

„Работата не е во тоа што ние игравме слабо. Ние воопшто не игравме“, признал подоцна Јохан Кројф.

Холанѓанецот, исто како и Капело имал тежок избор меѓу странците кои играа во Барса. Затоа меѓу Ромарио, Куман, Стоичков и Микаел Лаудруп се решил да играат првите тројца.

„Кога видов дека Лаудруп не игра, ми олесна. Тој ми правеше најголем немир. Но Кројф не го избра во составот и тоа беше грешка“, рекол Капело.

БЛЕСКАВ МИЛАН КАКО НИКОГАШ ПРЕТХОДНО НИ ПОДОЦНА

Напаѓачот на Милан, Даниеле Масаро кој за 5 дена славел 33-ти роденден, постигна два убави гола во првиот дел од кои вториот беше на неколку секунди до полувремето.

По признание на некои членови на стручниот штаб на Барса, кога екипата влегла во соблекувална на одморот, Кројф бил шокиран и не можел свесно да зборува. Неколку пати пробал да одржи мотивациски говор но не успеал, прекинувал. Ги гледал лицата на своите играчи кои молчеле.

Само две минути по стартот на полувремето Дејан Савичевиќ кого Берлускони го нарече Геније, го постигна третиот гол за Милан.

„Кога го примивме третиог гол, веќе знаевме дека е готово. Тоа беше најлоша вечер во мојата кариера“, рекол голманот Андони Зубизарета.

Дебаклот го потврди Марсел Десаји за конечно 4-0! Французинот стана прв играч кој два пати по ред го освоил пехарот со различен клуб. Година дена претходно славеше со Олимпик Марсеј. 

Милан таа вечер го освои петтиот пехар во Лига на шампиони/КЕШ, а Барселона остана на само еден.

По дебаклот во Атина, тимот на Кројф се распадна на брзина.

Микаел Лаудруп објави дека заминува од клубот и се упати во Реал Мадрид. После Светското 1994 се растури и другарството меѓу Ромарио и Стоичков. Бразилецот изјави: „Кројф не го освои Светското, јас го освоив“, а Бугаринот рекол дека тоа не е коректно во однос на главниот тренер.

„Ромарио после и како да не се врати од Светското. Неговото тело беше тука, ама умот му беше во Рио“.

Христо со семејството требал да отпатува на гости кај Ромарио, но приемот кај тогашниот бугарски претседател му ги расипал плановите. Дружбата наскоро се оладила.

Во меѓувреме управата иако му ветила нов договор, бесна поради дебаклот, му рекла на голманот Зубизарета да си бара друг клуб. Кога го слушнал тоа Гвардиола заплакал во клупскиот автобус.

Кулминација на распадот бил ставот на Стоичков кој во радио-емисија рекол: „Или Кројф или јас“. Тоа беше Јохан, тој остана а Бугаринот замина во Парма и се врати само дури кога Холанѓанецот ја напушти клупата на каталонскиот гигант.