Каде и како играат македонските фудбалери по странство

Најголема македонска фудбалска колонија има во Словачка каде нашите момци играат сосема солидно. Покрај стандардните од Топ5 лигите, имаме претставници и во Романија, Израел, Швајцарија, Унгарија, Бугарија, Грција....

АНГЛИЈА

Прв во фокусот секако е Езџан Алиоски кој сезонава ги одигра буквално сите 36 натпревари за Лидс, има учинок од 5 гола и 6 асистенции и е на добар пат директно да се пласира во Премиер лигата. Минатиот викенд ги изигра сите 90 минути и постигна прекраасен погодок за победа од 2-1 против Болтон.

ШПАНИЈА

Разбирливо, македонската јавност внимателно од викенд во викенд, ги следи настапите на Енис Барди кој со Леванте игра против Реал Мадрид, Барселона, Севиља и другите ла-лигаши. Барди сезонава има 1 гол и 2 асистенции и не е на нивото од лани кога имаше 9 погодоци, но и покрај тоа игра стандардно. Минатиот викенд направи пенал во поразот 1-2 од Реал Мадрид на домашен терен.

Столе Димитриевски се „устали“ на голот на Рајо Ваљекано и брани редовно во последните неколку месеци. Минатиот викенд „ваљекас“ изгубија од Хетафе 2-1 а Столе бранеше од почеток до крај.

ИТАЛИЈА

Горан Пандев пред неколку дена доби италијански пасош по 18 години престој во оваа земја. Капитенот е резервен фудбалер во Џенова и добива шанса најчесто во последните 10-15 минути од натпреварите. Сезонава има два гола во сите натпреварувања. Минатиот викенд доби 15 минути во ремито на Џенова кај Кјево 0-0.

Трајковски игра често во Палермо каде Илија Несторовски после повредата никако да ја пронајде формата од лани, но тоа на страна, на 15 средби има 7 гола и 3 асистенции што е сосема добро. Алекс на22 средби досега,има 4 гола и дури 9 асистенции. Вечерва гостуваат кај давеникот Кротоне и за очекување е македонските интернационалци да блеснат. Палермо е втор со 4 бода помалку и меч помалку од лидерот Бреша.

ПОРТУГАЛИЈА

Стандардниот бек на репрезентацијата игра за најголем клуб од сите наши интернационалци. Со Спортинг Лисабон, Стефан Ристовски неодамна испадна од Виљареал во Лига Европа, а во домашното првенство се четврти и се борат за еврокуповите. Сезонава досега Рики одигра 23 средби во првенството, во Лига Европа и во двата Купа на Португалија. Забележа 2 асистенции.

ХОЛАНДИЈА

Имаме претставник и во најдобрата холандска лига. Денис Махмудов досега има 22 натпревари за Ексцелзиор и 3 гола во Ередивизија, а вкупно 8 со сите други натпреварувања. Минатиот викенд не се појави во игра на мечот против Утрехт (0-0).

ТУРЦИЈА

Во најдобрата турска лига имаме 5 претставници.

Најпознатиот, Ељиф Елмас, кој е стандарден во гигантот Фенербахче, одигра само шест минути во големото дерби со Бешикташ во кое неговиот тим се врати по негатива од три гола и обезбеди бод (3:3). Во турската Супер лига, македонскиот репрезентативец одигра на 21 натпревар и постигна 1 гол. Сезонава има уште 7 настапи во Лига Европа, 2 во квалификациите за Лига на шампиони и 2 во турскиот Куп.

Адис Јаховиќ сезонава на 21 натпревар за Коњаспор има 7 гола (6 во првенство и 1 во куп). Повремениот репрезентативец Леонард Жута, кој е соиграч на Јаховиќ во Коња одигра 6 меча за новиот клуб по доаѓањето од Ријека во јануари годинава.

Минатиот викенд Јаховиќ не играше во поразот од Кајзери (1-0), а Жута запиша 90 минути.

Во Коња е и Скопјанецот Ердон Дачи кој во јануари од младинците на Вардар се пресели во турскиот состав. Претежно игра во младинската Супер лига на Турција каде на 7 меча има 4 гола.

Младата надеж Јани Атанасов не играше за Бурсаспор во поразот од лидерот Башакшехир (3:0). Струмичанецот има 3 настапи во Супер лигата и 7 во младинската лига каде постигна 2 гола.

БЕЛГИЈА

Стоперот Ѓоко Зајков кој веќе неколку сезони е во Шарлоа, никако не успева да го зацементира местото во составот. Сезонава Зајков има само 2 настапи за клубот во првата лига и можеби ќе треба да размислува за промена на средината на крајот од сезоната. Не играше ниту минатиот викенд во поразот 3:1 од Сент Труден.

ГРЦИЈА

Во соседната земја имаме двајца претставници откако Мите Цикарски во вторникот од ПАС Јанина премина во романскиот Газ Метан.

Во грчката Супер лига игра Никола Јакимовски кој по долги години во Италија, во јануари годинава потпиша со Лариса. Досега има 7 настапи во Супер лигата и 2 во грчкиот Куп. Одигра 90 минути на последниот меч против Ламија (пораз 2-1) и доби жолт картон.

Голманот од Прилеп, Давор Талески зимава од финска Хонка дојде во Лариса и се уште нема забележано настап.

ШВАЈЦАРИЈА

Никола Ѓорѓев има вкупно 9 настапи за Грасхоперс и 1 гол.

АВСТРИЈА

Елдис Бајрами, кој игра како десно крило, има вкупно 9 настапи за Сент Пелтен и 2 асистенции.

РОМАНИЈА

Шпицот Марко Симоновски кој досега во кариерата смени многу земји и клубови, во моментов го носи дресот на романскиот прволигаш Сепси. На 18 меча има 5 гола и 2 асистенции. Сепси високо котира во лигата, се наоѓа на 5. место и би требало да разигрува за место во евро-куповите.

БУГАРИЈА

Стефан Ашковски од септември лани дојде од Холандија во бугарската лига. Левиот бек има 10 настапи за Славија Софија во која игра и ветеранот Дарко Тасевски (само 3 меча досега сезонава). Ашковски одигра 89 минути во триумфот на Славија над Ботев Враца, а Тасевски доби 70 минути. Во бугарската лига игра и Дарко Глишиќ кој доби 90 минути во ремито на Септември со Витоша.

КИПАР

Во оваа земја имаме права мала колонија. Иван Тричковски е предводник - сезонава растура за АЕК Ларнака. Минатиот викенд одигра 90 минути и даде гол во триумфот 3:0 над Енозис. Иве сезонава на вкупно 25 средби во сите натпреварувања (и Лига Европа) постигна 12 гола а има и 5 асистенции.

Неговиот соиграч Даниел Мојсов не играше минатиот викенд а досега собра скромни 10 настапи на кои има 1 асистенција.

Давор Здравкоски ги одигра сите 90 минути и доби жолт картон во поразот на неговиот АЕЛ од Омонија (2:0). Сезонава фудбалерот од среден ред има 14 настапи. Душко Трајчевски го запиша и 11. настап за Алки Ороклини во најдобрата кипарска лига.

ИЗРАЕЛ

Единствен Македонец кој игра во најдобрата израелска лига е стоперот Ристо Митревски, фудбалер на Хапоел Хаифа. Сезонава има 21 меч и 1 гол во сите натпреварувања.

УНГАРИЈА

Бобан Николов досега сезонава одигра 36 меча во сите натпреварувања и постигна 1 гол. Минатиот викенд не играше во победата на Видеотон над Халадаш од 1:0.

Кире Ристевски веќе има 15 натпревари за Ујпешт за кого одигра 38 минути во триумфот над Диосѓер од 5:0.

Стефан Спировски не играше за Ференцварош викендов а досега има 18 средби и 3 гола во сите натпреварувања.

СЛОВАЧКА

Во оваа земја има најмногу македонски фудбалери - дури 6. Тихомир Костадинов (крило, 18 меча, 5 гола за Ружомберок), Јани Урдинов (левиот бек има вкупно 17 настапи и 3 асистенции за Ружомберок), Енис Фазлагиќ (Жилина, 15 настапи), Стефан Богдановски (шпиц, Спартак Трнава 2 гола во Куп), Кире Маркоски (крило, Спартак Трнава, 9 настапи, 2 гола и 2 асистенции), Томче Грозадновски (дефанзивен играч за врска, во Злате Моравче од февруари, 1 настап).

АЛБАНИЈА

Бојан Најденов (Лачи, 14 натпревари)
Мухамед Усеини (Фљамуртари)
Артим Положани (Фљамуртари)
Ардијан Цуцули (Кукеши)
Едис Малиќи (Кукеши)
Седат Бериша (Тирана)
Егзон Белица (Партизани)
Фатјон Јусуфи (Партизани)

АЗЕРБЕЈЏАН

Томе Китановски (Себалија, десен бек, 13 настапи 1 гол и 3 асистенции)

ЕРМЕНИЈА

Зимска пауза во тек. Александар Дамчевски (стопер, Арарат), Бунјамин Шабани (среден ред, Ширак)

МАЛТА

Кристијан Наумовски (Биркиркара)

ЛУКСЕМБУРГ

Енис Саити (Флора)

УКРАИНА

Стефан Јевтоски (Арсенал Киев, 11 настапи, 1 гол)