Навивачите на „Старата дама" во неделата на средбата против Палермо се подготвуваа за огромно славје и нова титула во италијанското првенство, а составот на Антонио Конте со голот на Видал во второто полувреме им ја донесе радоста втора година по ред.
Но во италијанските медиуми повторно топ тема овие денови е точната бројка на освоени шампионски титули, 29 или 31? Играчите и навивачите си тераат по старо и исто како и минатата година не се откажуваат од двете Скудета од 2005 и 2006 година кои им беа одземени поради скандалот „Калчополи".
Во славеничката атмосфера покрај Антонио Конте и неговите јунаци, зад бројот 31 стоеше и претседателот на клубот Андреа Ањели кој потоа доби честитки од првиот човек на Италијанската Фудбалска федерација, Џанкарло Абете кој му посочи дека официјалната бројка е сепак 29.
Во одбрана на тимот застана и петкратниот италијански првак со Јуве, Марчело Липи кој изјави дека клубот и неговите навивачи имаат потполно право да зборуваат за 31 титула, затоа што и покрај тоа што 2 им се одземени, тие ги чувствуваат како свои, затоа што ги освоиле на теренот.
Медиумска поддршка за 31 шампионска титула Јуве доби од весникот „Тутоспорт", кој важи за медиум близок до „Старата Дама", додека реномираните „Газета дело спорт" и „Кориере дело спорт" на своите насловни страници ја пишаа официјалната бројка на титули.