Јувентус е на пат да стигне до шестото Скудето во низа, но Алегри не ги криеше амбициите и изјави дека сезонава ќе се атакува на три фронта. Пласманот во четвртфинале скоро го имаат откако синоќа беа подобри од Порто и заслужено остварија победа од 0:2.
Нивната офанзивна формација според анализата на италијанскиот печат потсетува на веќе видени формациски потези на екипи кои на таков начин станале Европски шампиони.
Што значи тоа? Формирање напаѓачка навала со петмина играчи кои претставуваат опасност, а во случајот со Јуве тоа се: лево Манџукиќ, десно Квадрадо, со нив во линија и Дибала веднаш зад Игуаин, додека офанзивен играч во среден ред е Пјаниќ. Формација која синоќа го надигра Порто.
Според досегашните примери тоа е рецептот за европски успех, но многу зависи од пристапот на играчите, пожртвуваноста на напаѓачите и компактноста на формацијата.
РЕАЛ МАДРИД
Остануваме во овој милениум и почнуваме со клубот кој често пати беше критикуван дека е само колекција на ѕвезди. Во сезоната 2001/2002 Дел Боске во финалето против Баер Леверкузен излезе со формација 4-4-2 (или 4-2-2-2) во која единствен класичен играч во среден ред беше Макелеле. Напред ги имаше Раул и Мориентес, а зад нив во линија играа Фиго, Зидан и Солари. Опасен од позадина беше Роберто Карлос, а првите измени му беа Гути и Мекманаман. Дали ова беше неповторлив експеримент? Не. Го повтори Анчелоти за Ла Десима со петорката Бејл, Бензема, Роналдо, Ди Марија и Модриќ.
МИЛАН
Истиот стратег имаше привилегија да го тренира и ултра квалитетниот состав на Милан со кој стигна до две Европски титули. Во сезоната 2002/2003 кога по едно здодевно финале 0:0 Јувентус падна на пенали, предводници во напад беа Инѕаги и Шевченко, веднаш зад нив беше Руи Коста, а топки во напад делеа и Пирло и Сидорф. Во 2007-ма во таа петорка на местата на Руи Коста и Инѕаги беа Кака и Креспо, од позадина притискаше Кафу, а од клупа засилувања беа Руи Коста и Сержињо.
БАРСЕЛОНА
Во 2006 година Франк Рајкард го освои пехарот со триото Жули – Ето – Роналдиљо кои добиваа помош од офанзивните играчи од среден ред Иниеста и Деко. Потоа со Пеп Гвардиола, Барселона на два пати стигна до трофејот, во 2009-та со Меси – Ето – Анри, а во 2011-та со Виља – Меси – Педро. И во двата наврати дуото Чави – Иниеста беше незаменливо. Мурињо на таа формација им одговори со четворица офанзивни играчи кои бркаа пресинг на половината на Барселона, тоа беа Ето – Снајдер – Пандев во иста линија, а истурен напаѓач само Милито. Строго дефанзивно во средниот ред играа Камбјасо и Мота.
БАЕРН МИНХЕН
Пеп не успеа со Баерн да го повтори тоа што му успеа со Барселона, но во Германија беше незапирлив. Офанзивната формација ја проба со повеќе офанзивни играчи од среден ред и последната сезона играше со 4-1-4-1 која во напад се претвораше во 2-3-5. Класичната 9-ка му играше Левандовски, а зад него во линија Даглас Коста – Милер - Тијаго – Робен или Коман место Коста.