Тие што го имаат албумот од СП Италија 1990 или што гледаат фудбал од тоа време, сигурно го паметат Тото Скилачи. Тој вчера наполни 50 години, а како домаќин на Мундијалот стана најдобар стрелец со 6 гола и ги засени Марадона и Матеус.
По истите стапки за славна кариера тргна и неговиот братучед Маурицио Скилачи, но тој сега наместо да ужива во фудбалската пензија и да го пренесува занаетот на помладите, моли за да најде работа.
Кариерата ја почнал во Палермо на 17 години, но на барање на Зденек Земан направил трансфер во третолигашот Ликата каде на 66 меча постигнал 22 гола. Скилачи играл на позиција треквартиста, а големиот талент го забележале и во Лацио каде го ангажирале во сезоната 1986/1987.
Но тогаш почнал и неговиот пад во кариерата бидејќи имал повреда на тетивата која никако не успеал да ја излечи. Последните две шанси му биле Месина и Јуве Стабија каде не успеал да влезе во форма поради слабата физичка подготвеност.
„Најдобрите моменти во кариерата ми се случуваа со Земан кога давав најмногу голови. Потоа ми се случи трансферот во Лацио каде заиграв на мојот омилен стадион „Олимпико“. Живеев луксузно, сменив 38 коли и потпишав 4 годишен договор за годишна плата од 500 милиони лири (околу 260.000 евра), но повредата ме стопираше. Ме нарекуваа „мистериозен фудбалер“ бидејќи постојано бев повреден“.
Додека Маурицио играл за Ликата, а Тото за Месина се натпреварувале кој ќе даде повеќе голови, а таму добил понуда и за да учествува во наместен натпревар.
„Тоа ми се случи само еднаш во кариерата, но кога ми предложија веднаш го известив Земан, а тој ми рече да одбијам. Мечот заврши 0:0, а топката удри 8 пати во нашата статива. Некои натпревари во фудбалот се решаваа со муабет на терен“
Последната станица во Јуве Стабија била пресудна за Скилачи каде почнал да се дрогира, а потоа ги загубил парите и семејството и ја завршил кариерата.
„Мојот пад се случуваше брзо и сега се наоѓам на улица. Не можам да најдам работа и спијам на железничка станица. Тука сме заедно 20 бездомници. Сите велат дека бев подобар од Тото, можеби е така, но јас имав помалку среќа во животот“
Тој работел во фудбалската школа кај својот братучед, но си заминал откако почнал да ги слуша коментарите на родителите кои рекле дека немаат намера да ги носат своите деца кај тренер наркоман.
“Не користам повеќе хероин. Земам метадон веќе 10 години. Го допрев дното и сега повторно не сакам да се вратам таму. Имам 52 години, но сè уште се чувствувам како дете од 20 години. Понекогаш гледам деца како играат фудбал на улица и некогаш би сакал повторно да ја шутнам топката“,вели Маурицио Скилачи.