Германскиот тренер заработи црвен картон во 30-та минута од натпреварот против Наполи откако го истури бесот врз судиите, но делителите на правдата беа единствените кои имаа непријатна средба со Клоп на стадионот Сан Паоло. Сите останати имаат позитивен впечаток од харизматичниот Клоп, па дури и хаусмајсторот на стадионот на Наполи.
Второто полувреме од натпреварот Клоп го догледал преку ТВ пренос на каучот на хаусмајсторот Винченцо Џероне. За него тоа била најдобрата посета по Марадона.
„Го послужив со вода и малку торта и потоа седнавме на каучот и заедно го гледавме натпреварот. Господинот Клоп беше малку нервозен, но беше тивок. Тоа беше најдобрата посета која сум ја имал по Диего Марадона", изјави Џероне.
Веднаш по натпреварот Клоп му се заблагодарил на гостопримството на хаусмајсторот и му го подарил дресот на Марко Ројс.