Малиновски заедно со сопругата Роксана успеале да згрижат тројца млади фудбалери од Шахтјор Доњецк.
Во соработка со разни институции, за играчите се нашло место во Торино, но Малиновски ги активирал сите контакти од светот на фудбалот за да ги донесе во Бергамо, а целта му било наместо да бегаат од бомби, да продолжат да ја бркаат топката на зелениот тепих.
Трите момчиња од расадникот на Шахтјор биле пречекани во хотел, а Аталанта добила зелено светло од Италијанската федерација и од Шахтјор за да ги однесе на велигденски турнир.
Еден се повредил, другиот во меѓувреме добил повик од младинските репрезентации кои продолжиле со активности во странство и на крај на турнирот се појавил само Васил Бундаш.
„Во споредба со многу врсници од целиот свет, Васил не пристигна во Италија за да го следи и нахрани својот сон како фудбалер. Тоа е речиси несакан ефект и мала можност. Тој како и милиони негови сонародници беше принуден да ги дрибла бомбите на улица, а не противниците на терен, бегајќи на очајнички начин од својата земја за да избега од апсурдна и крвава војна“, пишува Тутоспорт.
Бундаш не зборува италијански, но се истакнал со еден друг универзален јазик, а тоа е фудбалскиот. Се издвоил од другите според техниката и атлетските предиспозиции, до тој степен што го наградиле со признание за МВП на турнирот.
Во неговите документи стоела година на раѓање 2006, за разлика од повеќето од другите играчи кои биле родени 2005.
Ги одиграл сите пет меча во четири дена како стартер и бил еден од клучните играчи за освојувањето на турнирот на Аталанта, која во финале ја совладала Џенова со 3:0.
16 годишниот Васил Бундаш од младинскиот сектор на Шахтјор Доњецк преставува една од најсветлите перспективи, кој ги импресионирал Италијанците.
„Во него има комбинација на радост за спортскиот успех и гнев и солзи за сликите на измачената земја, неговата Украина, кои продолжуваат да течат под неговите млади и невини очи. Со мислите трча кон мама, тато, сестра му и помалиот брат. Ги гледа секој ден, благодарение на навиката за видео повик секоја вечер, но тие се сè уште дома. Во далечината не се слушаат млади играчи кои навиваат за гол, туку руски бомби“, пишува италијанскиот весник за оваа емотивна сторија.