Студијата на ФИФА која е објавена во магазинот „Fifa World" покажува каква е политиката во однос на купувањето и користењето на фудбалерите на клубовите од 31 национално првенство во Европа.
Процентуално во Серија А младите играчи од сопствените академии се користат само 7,8%, во Бундес лигата 14,7%, во Премиер лигата 17,5%, во Лига 1 21,1%, а расадникот со млади таленти од најсилните 5 лиги најмногу го користат шпанските клубови со 25,6%.
Можеби дел од причините за падот на резултатите на италијанските клубови во европските натпреварувања и слабото рангирање во УЕФА лежат токму во овие податоци кои ги оквалификува како негативни и претседателот на светскиот синдикат на фудбалерите, Леонардо Гросо.
Според Гросо овие бројки се уште помали затоа што во истражувата се земени предвид и фудбалерите кои во периодот од 15 до 21 година, направиле трансфер и играле 3 сезони во друг клуб, а потоа се вратиле во клубот од каде што потекнуваат.
Клубовите кои се покажале како доста успешни во создавањето на млади таленти и кои авантурата ја продолжиле во матичниот клуб се Манчестер Јунајтед со 40%, а минатогодишниот шампион на Франција, Монпеље стигнал до титулата со тим составен од играчи кои се 44% од младинската школа.
Се разбира на оваа листа високо котира тимот на Ајакс со 55%, кој е познат по стратегијата за создавање таленти, а се чини дека со свои деца најмногу може да се пофали Барселона која во својот тим 59% од играчите им се од сопствената академија.
Спротивно на ова, податоците на ФИФА покажуваат дека Италија, Англија, Португалија, Белгија, Турција и Кипар се земјите кои во своите првенства користат над 50% увезени фудбалери од странство.