Интернационалците во форма пред Белгија

Членовите на фудбалската репрезентација на Македонија денес ќе го имаат првиот собир пред квалификациските натпревари, откако изминатата недела завршија со обврските кон нивните клубови. Белгија нека се пази, Македонците се во добра форма.

Голманот Томе Пачовски го одигра целиот натпревар за Мехелен и загуби со 2:3 од Зулте Варегем, а стрелец на вториот гол беше Александар Трајковски кој во игра влезе во вториот дел.

(голот на Трајковски на 2:52)

Бобан Грнчаров ја продолжи одличната форма со Ботев Пловдив. Минатата недела тој беше стрелец на еден од головите при победата од 2:0 на дербито против Левски, а овој викенд тие победија на гостувањето кај Черноморец.

Втора недела по ред Мајнц чиј столб на одбраната е Николче Новески, ја сочувува својата мрежа. Минатото коло тие го совладаа Баер Леверкузен со 1:0, а оваа недела одиграа без голови на гостувањето кај Хофенхајм.

Дури 4 кола по ред, екипата на Партизан не прима гол, а стандарден по левата бековска е Александар Лазевски.

Радува и фактот што по скоро 4 месеци пауза на терените се врати и Даниел Георгиевски кој минатата недела влезе во игра во 52-та минута за Стеауа.

Еден од двајцата фудбалер од домашното првенство, Остоја Стјепановиќ, 2 кола по ред се запишува во листата не стрелците. Минатото коло тој постигна прекрасен гол против Шкендија, а викендов стрелаше од белата точка против Металург.

Дарко Тасевски во вторникот одигра натпревар од израелскиот куп и асистираше при победата од 1:3, а викендов неговиот тим загуби на домашен терен од Хапоел со 0:1.

Никола Глигоров со кипарскиот тим Алки минатото коло го победија Неа Саламис на Арменд Алими, а викендов славеа со 0:3 на гостувањето кај Аја Напа.

Горан Пандев конечно го прекина постот од 5 мечеви и постигна третиот и решавачки гол за Наполи при победата од 3:2, над Аталанта, а тој беше и асистент на голот за 2:1 на Кавани.

(асистенцијата на Пандев на 1:05 и голот на 2:35)

Марибор на Агим Ибраими викендов загуби од Домажале со 1:3, а во средата победи на гостувањето кај Рудар со 0:3. Нашиот интернационалец асистираше за вториот и беше стрелец на третиот гол.

(асистенцијата на Ибраими на 2:39 и голот на 2:55)

Адис Јаховиќ беше џокерот на Цирих на гостувањето кај Сервет. Тој влезе во игра во 84-та минута и го постигна победничкиот гол за конечни 1:2.

(голот на Јаховиќ на 2:10)

18 март 2013 - 09:55