Иниеста сакал да го пропушти Светското на кое ѝ донесе злато на Шпанија

Во еден од најтешките периоди од животот кога мислел дека сè околу него е темно, Иниеста дознава дека неговиот добар другар Даниел Харке - капитен на Еспањол, умрел по срцев удар. Му се руши светот но решава да се бори и дава гол во финале на Светско.

Во мај 2009-та година Иниеста го бакна златниот медал од Лигата на шампионите, а веќе следното лето го крена највредниот пехар за Светски шампион на Мундијалот 2010 во Јужна Африка.

Но годината меѓу двете волшебни достигнувања била далеку од бајка. Андрес преживувал прав кошмар.

***

На две недели пред големото финале во Лигата на шампионите против Манчестер Јунајтед, навивачите на Барса биле нервозни: од клубот соопштија дека Иниеста нема да игра поради повреда на бутниот мускул. Најзагрижен од сите бил Пеп Гвардиола: „Просто ужасно е да останеш без таков лидер“.

Мечот се наближувал a повредата не изгледала толку сериозна.

Во финалето Иниеста одигра 90 минути и Барса глатко го победи тимот на Фергусон со 2:0. Но веќе следниот ден состојбата на Андрес била очајна. Тој не се чувствувал психолошки добар:

„Преку ноќ ми падна тешко. И следниот ден и следниот... Тестирањата не открија никакви недостатоци, се беше во норма. Но телото и умот не ми беа во склад“, раскажувал подоцна Андрес.

На собирот на репрезентацијата во САД тој не го издржал ниту првиот тренинг. Следните две недели ги минал во друштво на физиотерапевтот а кога малку се кренал, капитенот Карлес Пујол соопштил страшна вест: блискиот другар на Иниеста и капитен на Еспањол Дани Харке умрел од срцев удар.

„Се здрвив. Не можав да сфатам. Не знаев што да правам, што да мислам. Не можав да поверувам што се случува. Дани, мојот другар Дани умре. Како? Зошто? Не е вистина“, се сеќава Иниеста на најтешкиот период.

Андрес бил многу потресен. Низ глава му минувале чудни мисли, се повлекол во себе и паднал во депресија. Целата работа ја отежнала неговата природна повлеченост: долго време за неговата внатрешна состојба никој не знаел.

Не кажувал ништо ниту на семејството, ниту на екипата, но кога сфатил дека паднал во длабока депресија, се обратил кај доктор.

„Ми се чинеше како да сум во слободен пад, чувствував како се околу да е мрачно. Отидов на доктор не можев веќе да издржам. И ми кажаа дека не е депресија, не е болест, туку силно чувство на немир. Не бев во ред“.

Таа сезона Иниеста пропушти незамисливо за него многу натпревари и дури размислувал да го пропушти Светското првенство. Во најтешкиот период го поддржале сите познати фудбалери.

Пеп Гвардиола кажал дека формата кога тогаш ќе му се врати а тој ќе го чека колку и да му е потребно.

Шефот на медицинскиот штаб на Барса - доктор Рикард Пруна брзо нашол врвни психолози. Тој се сеќава дека не било лесно да му се постави дијагноза на фудбалерот: „Ние сакавме да најдеме објаснување за тоа што го чувствувал. Но одговор долго не наоѓавме“.

И на крајот лекот го нашол во семејството: „Моите родители, жена ми Ана, сите... Без нив јас никогаш немаше да се опоравам и да се почуствувам подобро. Многу сум им должен“, искрено признава Иниеста.

***

После дождот доаѓа сонце. Се испостави дека Светското првенство кое Иниеста можеше да го пропушти, му делувало лековито. Андрес го постигна најславниот гол во историјата на Шпанија против Холандија во финалето. Го соблече дресот и на светот му ја покажа маицата со натпис: Дани Харке засекогаш со нас.

Тој гест станал голем симбол на поддршка и ја погодил вдовицата на Харке, Џесика. Таа подоцна раскажала дека вечерта првпат гледала фудбал по смртта на мажот заедно со мајка и ќерката. Целата фамилија плачела.

Тој гол не бил најважен само за Џесика, за нејзините најблиски и цела Шпанија, туку и за самиот Иниеста:

„Тоа беше многу тешко време и го преживеав благодарение на блиските и фудбалот. Таа ситуација уште еднаш ме научи: да се предадеш е најлесно, но исправно е да се бориш за да смениш сè.“