„Дали сте подготвени?“, ги праша на лош германски начин новинарите и почна да урла:
„Тренерот не е идиот, тренерот гледа што се случува на терен. А тие играчи, двајца или тројца, беа слаби како празна боца. Повеќе се жалат, отколку што играат. Штрунц е овде две години, одигра 10 меча и секогаш е повреден...“, беа дел од зборовите на најпознатата прес конференција на Трапатони одржата додека беше тренер на Баерн Минхен.
За неговите успеси во тренерска кариера сигурно веќе знаете. Трапатони е најтрофеен тренер во италијанскиот фудбал и еден од четирите кои ги има освоено сите трофеи под капа на УЕФА, како и интерконтиненталниот куп. Има шест првенствени титули со Јувентус и по една со Интер, Баерн, Бенфика и Ред Бул Салцбург.
Освен во Милан, првиот европски трофеј му го донесе и на Јуве во 1977 година кога го зграпчи пехарот од Купот на куповите на победниците. Со Старата Дама, во 1985 година ги освои Европа и светот, а до пехарот на Купот на УЕФА стигна во 1977 и 1993-та.
Но во неговата кариера се соочи и со неколку познати контроверзни судиски одлуки. Како на пример скандалозното судење на Бајрон Морено од Еквадор кога неговата Италија беше елиминирана од домаќинот Јужна Кореја на осминафиналниот дуел на Мундијалот во 2002 година.
На Светското првенство во 2010 година требаше да го гледаме како селектор на Република Ирска, но судијата направи огромен превид откако во бараж дуелот против Франција, призна нерегуларен гол на Тјери Анри кој го играше со рака.
Ќе го памети и скандинавското реми меѓу Шведска и Данска на Европското првенство во 2004 година, единствениот резултат кој значеше елиминација за Италијанците во групната фаза.
„Дали знаете што ми рече тогашниот претседател на УЕФА, Ленарт Јохансон, инаку Швеѓанец? Дека ќе отвори истрага ако мечот заврши без победник. Уште ги чекам резултатите од истрагата“, изјави по осум години Трапатони.
Ќе му останат запаметени и изјавите:
„Тимот е како букет со ружи, секоја мора да биде на право место, ако излезе и исчезне хармонијата, можеш да се поздравиш“
„Нашиот фудбал е проза, а не поезија“, за дефанзивната тактика во Јувентус.
„Жена ми често ме прашува кога ќе одам во пензија и секогаш и исто и одговарам: Еден ден“.
„Кога ми рекоа дека ќе дебитирам за Милан, имав силна грозница, но не му кажав на никој, се плашев дека нема да добијам втора шанса“.
„Искуството повторно е во мода, мислам дека фудбалот е една голема школа. Секогаш има што да се научи, само што јас и Фергусон нешто подолго се задржавме на клупа“.
„Не ме интересира тоа што сум го освоил, туку она што ќе го освојам. Како што велат филозофите: Снагата на човекот лежи во неговата иднина“.
„Топката е многу убава работа, но не смеете да заборавите дека е направена од воздух“.
„Играчите може слободно да играат како што ќе јас ќе им кажам“.