Офсајд има барање до ФИФА: На Рефик Шабанаџовиќ да му се поништи вториот жолт картон од четвртфиналниот натпревар меѓу Југославија и Аргентина, одигран на Мундијалот во 1990.
Што ве вртиме. Кога можат и други да бараат правда, зошто да не можеме и ние?
Мислевме дека со заминување на Сеп Блатер ФИФА ќе добие на сериозност, ама Џани Инфантино да ти бил поголем циркузант од неговиот претходник.

Штом најде начин да оправдува укинување на суспензија на американски фудбалер на барање на Претседателот на САД, ние тогаш одиме во подлабокото.
Правда за Шабанаџовиќ и Југославија. Па што? Може ќе ги тепавме и немаше да заврши 0:0.
Инаку додека се забавуваме со статијава, само едно кусо и задолжително инфо за помладите. Последната фудбалска епизода на Југославија пред распадот на едно големо натпреварување е Светското првенство во Италија 1990.

Стигнаа до четвртфинале каде после ремито против Марадона и бандата кои беа бранители на светската титула, загубија на пенали 3:2.
Селекторот Ивица Осим беше приморан од 31 минута да игра со играч помалку поради двата жолти картони кои швајцарскиот судија Курт Ретлисбергер му ги додели на Шабанаџовиќ во рок од 7 минути.
Првиот за несоодветно однесување и несогласување за време на поставувањето на живиот ѕид, за вториот за прекршок врз Диего Марадона.
Чекаме повратен одговор од ФИФА.




