Ако се спомене Бундес лигата, тоа не значи дека зборуваме само за Баерн Минхен, неговата доминација, како и доаѓањето на славниот Пеп Гвардиола. Доволен показател дека првенството станува се пополуларно во големата "петорка" (Англија, Шпанија, Италија, Германија и Франција) се бројките, но и борбата и упорноста на германските екипи на меѓународната сцена.
Германскиот шампион и натаму останува најпосетениот каде во просек на еден меч на стадионите присустуваат 45 илјади навивачи или 14 милиони годишно. Бројка која во светот е помала само од американскиот фудбал каде во просек има по 67 илјади навивачи по натпревар. Само за споредба италијанската Серија А на оваа табела се наоѓа на седмата позиција.
Во последните 20 години во Бундес лигата во просек паѓаат по 2,8 голови по натпревар, што ја прави најефикасна меѓу најсилните пет национални европски првенства. Годинава просекот скокна на 2,9 подогоци, а до сега сезонава, топката во мрежите завршила 444 пати на 153 натпревари. Сето ова се должи на брзиот фудбал во кој нема многу калкулации во одбраната.
Во Германија нема доминатни тимови како што се Манчестер Јунајтед или Барселона на кои тешко кој може да им ја одземе фаворитската улога за шампион во земјата уште пред стартот на првенството. Во изминативе девет години во Бундес лигата до титулата во домашното првенство стигнуваа пет различни тимови (Вердер Бремен, Баерн Минхен, Штутгарт, Волсбург и Борусија Дортмунд), а тоа е доволен показател за големата конкуренција во лигата.
Германските клубови оваа сезона демонстрираат и доминација на меѓународна сцена, а доказ за тоа е што само од Бундес лигата има седум тима кои обезбедија пласман во следната фаза, три во Лигата на шампионите и четири во Лигата на Европа. Најголем аплауз од овие екипи заслужува Борусија која во "групата на смртта" заврши како првопласирана со 14 бодови во конкуренција на Реал Мадрид, Манчестер Сити и Ајакс, сите четири тима актуелни прваци во своите првенства.
Во Германија има строгост, но таму не ја диктираат арапските шеици или руските олигарски кои под свои закрила земаат европски тимови со кои преку ноќ сакаат да освојат се. Нема ниту супер ѕвезди кои плукаат и вреѓаат судии и кои имаат силно его како она на Балотели или на Ибрахимовиќ, кои ако ги опомениш дека грешат, ќе те отераат по ѓаволите.
На германско тло на 1 јули ќе згазне големиот спортски џентлмен Пеп Гвардиола кој ќе работи со големи профеционалци во Минхен кои живеат за фудбалот. Таму нема да се занимава со медиумски препукувања како што тоа го прави Мурињо. Поранешниот предводник на каталонскио тим ќе придонесе за уште поголема популарност и поголема гледаност на германскиот фудбал.