Во Интер го викаа ’проклетството на левата страна’. По Андреас Бреме кој ја ораше оваа линија од теренот, Интер немаше соодветен лев бек на ниво.
Се сменија многу имиња и се експериментираше со разни играчи но никој не ги достигна резултатите на Германецот.
Единствен исклучок беше младиот Роберто Карлос кој го гледаа како солуција за следните десет години, но кој го продадоа после само една одлична сезона на сугестија на тренерот Рој Хоџсон којшто го сметал за недоволно тактички дисциплиниран.
И тоа проклетство на левата бековска позиција траеше се до 1999 година кога Масимо Морати уморен од поразите се обиде да направи нешто големо: Го донесе поранешниот тренер на Јувентус Марчело Липи којшто го менуваше тимот како чорапи.
Се поздрави со Бергоми, Паљука и Симеоне, а дојдоа Виери, Перуци, Југовиќ, Панучи, Блан и меѓу многуте имиња и еден полу-познат грк, Григориос Георгатос платен не баш малку: 15 милијарди лири на Олимпијакос.
Гркот ги оправда вложените пари уште на стартот во Серија А. Во првото коло од првенството, на „Џузепе Меаца“ против Верона после 17 минути игра светна неговата левица со долга топка до Виери којшто ја смири на гради и постигна убав гол за 1-0.
Виери до крајот даде уште два гола за конечни 3-0 и на 29. август навивачите на Интер почнаа да сонуваат скудето.
НЕ Е БРАЗИЛЕЦ, АМА...
Кога Григориос Георгатос почна да дава и голови, духот на Роберто Карлос престана да го разбранува Сан Сиро. Првиот гол Гркот го даде на 22. ноември, против Лече од слободен удар, верувале или не, по само 61 секунда игра.
21. ноември 199 (Интер - Лече 6:0), првиот гол е на Георгатос:
Тифозите на Интер тогаш изненадени коментирале: ’Овој шутира и слободни’. И не само тоа, го наградуваа со бурни аплаузи секогаш кога ќе излезеше од терен затоа што беше меѓу најдобрите. Десет дена по овој гол, во Купот на Италија, повторно даде убав гол дома против Болоња: совршено влегување, „тунел“ низ нозе на противникот и лесно го совлада голманот.
Прекрасни асистенција и гол Гркот Георгатос имаше и на дебито на Кларенс Седорф и триумфот од
5-0 против Перуџа, на 6 јануари 2000-та:
ДОМЕ СЛАТКИ ДОМЕ
Старите рекле ’многу арно не е на арно’ па така и во случајот на Георгатос. Даваше убави голови и асистенции на „Сан Сиро“ и кога сите мислеа дека се е во најдобар ред, кај него се јавила носталгија, проблем за дома.
Се испостави дека тоа беше неговиот лимит. Исто како и Бразилците, не само што имаше техника како нив, туку и носталгијата му била слаба точка. Непрестано мислел на својот крај, на својата земја. Кога и да можел се качувал на авион и се враќал во Грција каде останала неговата фамилија. Додека неговите соиграчи уживале по миланските дискотеки, тој одел право дома (2.000 километри).
На крајот од сезоната побарал да го продадат во некоја грчка екипа, поточно во било која за да може повторно да биде среќен каков што не бил во Италија.
Морати го усреќил со позајмица во Олимпијакос а по завршувањето на позајмицата Георгатос се вратил во Милано речиси „оздравен“. Имаше уште 12 настапи следната сезона пред и конечно да го продадат затоа што веќе не бил стариот добар Георгатос. И на „Џузепе Меаца“ се вратила носталгија за времето на Андреас Бреме.