Се сеќавате низ што сè помина Маурицио Сари? На 30 јануари Челси изгуби 4:0 од Борнмут, после десет дена изгуби 6:0 од Манчестер Сити, а после една недела 2:0 од Манчестер Јунајтед.
На „Стемфорд Бриџ“ вриеше и сите сметаа дека Италијанецот веќе изгубил контрола над ситуацијата, ги потрошил сите идеи и дека ќе остаме без работа уште пред крајот на сезоната.
Особено мачно беше кога некои „навивачи“ на Челси од трибинитее викаа: Fuck Sarri-ball (Сарибол беше играта на тимот во формација 4-3-3).
Настапите на Сари на прес-конференции исто така не инспирираа. За себе изгради слика на конзервативен тренер кој попрво ќе даде оставка отколку да се откаже од шемата 4-3-3.
Најмногу од се го критикуваа што ја изгради целата игра околу Жоржињо, Бразилецот кој игра за Италија и кого го тренираше во Наполи. Во Англија медиумите пишуваа дека ако го затвориш Жоржињо, си го затворил цел напад на Челси. Ова најмногу го искористи Борнмут кој му нанесе историски тежок дебакл на Челси.
После тој пораз Сари ја префрли цела одговорност на играчите и кажа дека тие не ги сфатиле ни основите на неговата тренерска филозофија. Тренерот на Борнмут Еди Хау дури изјавил: „Во Англија никогаш не ми се случило како сега, да не се плашиме од противничката екипа кога ја има топката во посед“.
****
На 24 февруари се играше финале на Лига Купот на Англија во кој Челси играше со Сити. „Сините“ беа рамноправен, дури и подобар противник од тимот на Пеп, но целата работа ја зафркна младиот шпански голман Кепа кој не сакаше да излезе од игра за да влезе резервниот голман кој е подобар пеналџија.
Тогаш изгледаше дека Сари и дефинитивно го изгуби целиот авторитет што го има, штом дозволува играчите да не го есапат. Медиумите дури и шпекулираа дека Џанфранко Ѕола, помошникот на Маурицио, ќе биде промовиран во нов тренер.
Но инцидентот со Кепа како да ја тргна екипата од мртва точка. После три дена Челси го совлада Тотенхем, а од следните 10 меча после финалето на Лига Купот, Азар и другарите победија на 8 натпревари!
На крај сезоната ја крунисаа со пехар од Лига Европа. Во Премиер лига освоија место кое води директно во Лигата на шампионите и тоа во ситуација кога ФИФА го суспендираше Челси на трансфер пазарот (нема да може да купуваат играчи до јануари 2020 година).
Маурицио го имплементираше или барем проба да го имплементира во Челси системот кој го воспостави во Наполи, кога тимот од градот под Везув играше прекрасен напаѓачки фудбал.
Но во Наполи ги имаше екстра брзите Инсиње, Каљехон и Мертенс, а во Челси успешноста на сезоната во целост зависеше од Азар.
На крајот од краиштата, воопшто не е во стилот на Роман Абрамович тимот да игра убаво, туку резултатите се во прв план. Кога олигархот го купил Челси инспириран од еден од најдобрите натпревари во историјата на Лига на шампиони (Реал против Манчестер Јунајтед во 2003-та), подоцна од секој тренер барал екипата да игра убаво, но во еден момент сфатил дека трофеите се најважни.
А во стилот на Челси е и да ги отпушта тренерите. Според информациите на Telegraph, Лондонците се спремни да се збогуваат и со Сари иако ќе треба да му платат обештетување од 5 милиони фунти.
Од друга страна Маурицио после финалето на Лига Европа, изјави дека сака да остане во најдобрата лига на светот, веројатно свесен колку амбиентот околу англискиот фудбал е поуреден од оној италијанскиот.