Иако имал можност да се кали во бразилскиот прволигаш Флуминенсе, кариерата на 25 годишниот Евандро не му одела како што посакува, па настапувал за помали клубови од Бразил и Ангола.
Во потрага по слава и напредок во кариерата, следната дестинација му била Украина за која ќе се кае цел живот. Потписот во Арсенал Киев уште во старт му донесе несреќа, бидејќи клубот во ноември 2013 година банкротираше.
Втората шанса му се пружи во локалниот клуб Ретро, но тоа му донесе уште поголеми проблеми и стресови, бидејќи во Украина воените судири се зголемуваа и така настрада неговиот тренер.
„Патуваме на гостување во автобус, но не сопреа бунтовници и ни влегоа вооружани. Јас бев единствениот Бразилец во автобусот и ќе умрев од страв. Тоа беше моментот по кој одлучив да си заминам од земјата“
„Беше опасно и во Доњецк, каде сите ги напуштаа своите куќи. Банките не работеа, а ниту полицијата. Беше невозможно да се живее, бидејќи бунтовниците добиваа оружје од Русија и не знаеа како да го користат, па правеа грешки. Тоа беше лудо“, вели Евандро.
Пред да ја напушти Украина, тој се соочил со уште неколку проблеми. Неговиот менаџер инсистирал и покрај големата опасност, тој да остане и да игра во Украина, но му се заканил дека доколку не се согласува да замине ќе ја прекине соработката и ќе си најде друг менаџер.
Дополнителен проблем му било и патувањето во авион од кое се плашеле и другите фудбалери кога требале да гостуваат со своите клубови на подалечна дестинација. Причината била уривањето на малезискиот авион кој падна на украинска територија и за кој се зборуваше дека го срушиле руските воени сили.
Откако во септември минатата година нашол сигурен лет, бразилскиот голман заминал во Англија, но не сакал да ја загуби формата и почнал да игра за Лондон Бари, екипа од деветта по ранг лига на островот.
Според квалитетот местото воопшто не му било таму, а тоа го знаеле и скаути од Премиер лигата, како на пример оние на Вест Хем кои по еден натпревар го чекале пред соблекувалните. Истовремено имал понуди од САД и Франција, но во изминатиов јануарски преоден рок ја прифатил понудата на третолигашот Кроули Таун, каде смета дека ќе му биде најмирно.