Едно од најубавите спортски зданија во Украина, стадионот кој беше изграден за натпреварите на ЕП во Украина 2012, бил мета на напад во борбите кои веќе неколку месеци се водат во Доњетцк.
Како што пренесуваат украинските медиуми, голем дел од трибината која ги спојува северната и западната страна е оштетен од две експлозии.
За среќа, во нападот немало загинати, ниту повредени.
„Утринава околу 6 часот, две силни експлозии од гранати срушија голем дел од фасадата и елементите од северната и западната трибина“ – стои во соопштението на клубот.
Воените немири во Украина се одразија и на спортот, а голем дел странски фудбалери во земјата решија да заминат и своите кариери да ги продолжат во други држави.
Пред еден месец шест играчи на Шахтјор, меѓу кои Фред, Исмаили, Даглас Коста, Алекс Тешеира, Дентињо и Факундо Фереира одбија да се вратат во Доњетцк, по пријателската средба со Лион во Франција.
Претставници на украинската фудбалска власт донесоа одлука, Шахтјор натпреварите од претстојната сезона да ги игра во градот Лавов.