Супер купот на Украина без уплашените фудбалери

Газдата на Шахтар изјави дека неговите играчи нема од што да се плашат за да се вратат во својот клуб, а потоа се закани дека ќе следат казни доколку не ги почитуваат договорите, но тие се уште не сакаат да фатат авион за Доњецк и покрај важноста на натпреварот.

Шахтар Доњецк се соочува со многу проблеми пред вечерашното финале од украинскиот Супер Куп против Динамо Киев, затоа што на арената „Донбас“ ќе отсуствуваат дури шестмина нивни играчи.

Мирсеа Луческу нема да може да смета на петмината бразилски фудбалери Даглас Коста, Фред, Дентињо, Алекс Тешеира и Факундо Фереира, како и на Аргентинецот Факундо Фереира кои се плашат да се вратат во Доњецк кое е упориште на проруските сепаратисти.

„Сакам да разјаснам дека ние немаме проблеми со клубот, туку се плашиме за нас и нашите семејства, а тоа си го рековме сите заедно во хотел по мечот против Лион. Тоа се индивидуални одлуки, јас зборувам само за мојата сопруга и децата кои не би ги однел таму за ниту една сума на пари. Прочитавме дека амбасадите на САД, Англија, Швајцарија и Бразил им апелираат на своите граѓани да не патуваат во тој дел. Вие би ги пратиле ли вашите деца таму?“, вели Дентињо.

„Јас не го напуштам тимот, но сè што чувме, видовме и прочитавме ни кажува колку всушност е ризично да се биде таму. Доколку дојдеме, не знаеме во какви услови би тренирале и играле. Јас немам проблем со Шахтар и им предложив да тренираме во Швајцарија се додека не се смири ситуацијата“, изјави Даглас Коста.

Тренерот на Шахтар во интервју за „Equipe“ го обвинува агентот на шестмината фудбалери дека тој ги убедувал да останат во Франција со образложение дека во меѓувреме им бара нови клубови.

Шахтар и Динамо Киев имаат по пет освоени трофеи во Супер купот, а домаќините доста ослабени ќе се обидат да стигнат до третиот пехар во низа. Дополнителен проблем за нив е тоа што идниот викенд започнува и украинското првенство.

22 јули 2014 - 14:55