Откако изби големата корупциска афера во ФИФА со што почна да се ниша и неговата фотелја, претседателот Блатер наеднаш почна да се присетува на некои прљави работи од минатото.
„Ако биле купувани Светските првенства... тогаш ми текнува на гласањето за Мундијалот во 2006-та година кога некој изненадно во последен момент ја напушти просторијата. Наместо израмнето гласање со 10:10, Германија победи со 10:9" изјави Блатер за швајцарски Blick.
„Тогаш ми беше мило што мојот глас не одлучуваше. Се сеќавам дека некој ненадејно ја напушти собата, а јас тогаш наивно гледав на случувањата. Не сакам да укажам на нешто, туку само говорам што се случи", додаде претседателот на ФИФА.
Сомнително е што во тоа време за овој скандал пишуваа и медиумите од Германија, но Блатер остана нем. Спорниот делегат е Чарли Демпси од фудбалската федерација на Океанија кој претходно агитирал за Јужна Африка, но во последен момент го напуштил гласањето.
Интересно е што на Блатер сега му текна дека во минатото и него сакале да го поткупат, но наводно тој одбил.
„Обидот за поткуп се случи во 1986-та година кога бев генерален секретар. Ми пријде претседател на еден фудбалски сојуз кој само ми рече дека би било добро ако на следниот натпревар судењето биде во корист на неговата репрезентација и ми подметна плик во мојот капут. Внатре имаше 50.000 долари кои ги предадов во сметководството. Му отворивме негова сметка и му кажавме каде се парите. Тој си ги подигна и веќе немаше нови обиди за поткуп", изјави Сеп Блатер.