Светски шампион кој потпишал со Реал, па станал електричар и возач на Де Хеа

Од гол во финале на младинско Светско првенство против Бразил до дното на шпанскиот фудбал. Ова е приказната за симпатичниот Баба Суле.

Кумаси - толпа народ, голема врева, прашина и голема спарност. Вториот најголем град во Гана се смета за богат: во близина има наоѓалиште за злато а Кумаси е на далеку познат по производство на какао. Во Кумаси има дури и филијала на пивскиот завод Гинис.

Во овој град, покрај пеколниот застој во сообраќајот, бучните пазари и жените со турбани на глава, малиот Баба Суле трчал по топката и кревал прашина. Оризот и гравот спремен во родителската кујна одамна се оладил а малиот Суле не се враќал до доцна навечер.

Главниот проблем на малиот Баба Суле бил шаренолик: Татко му сакал синот да учи школо и научи занает а не да арчи време на секакви глупости. Баба Суле не се давал под притисокот на родителите. Во семејството биле 14 деца, а три од нив заиграле професионален фудбал.

Баба Суле се покажал како најталентиран од сите: станал Светски шампион до 17 години откако дал гол против Бразил во финале на Мундијал.

***

Одличните настапи ги приметила Мајорка која што потпишала договор со него а потоа се јавил и славниот Реал Мадрид. Во младиот играч за врска виделе прав наследник на Клод Макелеле - енергичен, снажен, цврст, агресивен во одбрана и спремен да го контролира цел среден ред.

Баба Суле долго време не можел да се соземе од шокот дека го бара Реал: стигнал на „Сантијаго Бернабеу“, паднал договор дека ќе биде прво во резервниот состав па на позајмица во Легањес каде одат перспективни деца. Погледнал во страна, се насмеал и прашал: „Овде да се потпишам?“

Но Баба Суле уште не дебитирал за филијалата на Реал го стигнале многу повреди. Изгледало буквално како проклетство од некој африкански шаман иако уште не му почнала приказната во Реал.

Во Мајорка заболел од хепатит, а потоа во Оренсе (клуб од Галиција расформиран во 2014 поради банкрот) ја скршил коската од лактот.

Кога конечно дошол на позајмица во Леганес, Баба Суле во првиот меч од сезоната ги скинал лигаментите. За несреќата да биде поголема - на првиот меч по враќањето на терен го удрил коленото.

„Фудбалот е таков што има две страни. Повредите го сменија мојот живот“, се сеќава Ганецот чии нозе по многу операции се цели со лузни.

Кариерата стрмоглаво му опаднала: каталонска Лерида, Томелосо од Кастиља, Сан Исидро од Канарија... Клубови од трет, четврт ешалон.

***

„Мали, повторувај по мене: ’I'll be the best goalkeeper in the world’. Ха-ха, па дури и да биде така, треба да пазиш. Запамти едно: Ако сакаш да добиеш многу, мораш да бидеш максимално сериозен. И почитувај ги ветераните!“

Топол септемвриски ветер дувал од прозорот. Баба Суле со убава кола возел скромно младо дете од домот во Иљескас до Мадрид во тренинг центарот на Атлетико. Патот траел повеќе од еден час па Ганецот го учел малиот голман англиски јазик.

Тоа дете бил Давид Де Хеа кој тогаш немал право на возачка дозвола. Од почеток Де Хеа на тренинг го возеле родителите а потоа Атлетико го нашол надежниот фудбалер на мадридскиот клуб Рајо Махадаонда.

„Тој беше премногу срамежлив, но најдовме заеднички јазик. За време на патувањата го учев реченици на англиски. Поминав прекрасно време со Де Хеа и неговото семејство. До ден денес сме во контакт, неодамна се допишувавме со мајка му на Давид на чат а со него се слушаме. Секогаш се потресувам кога тој ќе ми ѕвони да не се случило нешто“, раскажува Баба Суле.

По преминот во Манчестер Јунајтед каде стана еден од најдобрите голмани на светот, Давид прво му се јавил на својот гански пријател кој се чудел кога на екранот видел британски број.

„Здраво фацо. Овде Де Хеа! Ти ѕвонам да ти се заблагодарам за сè“.

***

„Сите заработени пари ги пратив на моите тринаесет браќа и сестри“, раскажува Баба Суле кој од таа причина активно барал работа па дури и како возач. Во еден момент почнал да се поправа шпорети и машини и работел како електричар а на крајот стигнал и до ланецот на маркети El Corte Inglés.

Пред две години Баба Суле добил понуда од Фуенлабрада во Сегунда Б (трета лига), но добил нови задачи: собира топки, чисти копачки, пегла и дипли дресови. Притоа му помага во адаптацијата на малиот Јав Анор од Гана кој не знаел ништо за Шпанија. 

„Со години не сум зборувал со новинарите. Кога престануваш да играш, веќе малку кој те памти. И кога се јавивте вие, мислев дека секретарот прави зафрканција со мене“, им вели Баба Суле на новинарите од изданието ABC.

Со широка торба на рамото и топки околу него Баба Суле за време на интервјуто изглдал како човек кој е задоволен од својот живот.

„Кога децата слушаат за мојата историја и дознаваат дека сум бил професионален фудбалер и дека сум дал гол во финале на Светско против Бразил тие се чудат. Добри се со мене и се чуствувам восхитен и уважен... Единствен совет кој можам да им го дадам е следното: Кога се изгледа убаво и среќно, човек престанува да мисли на иднината. А треба да мисли“.

Во еден момент насмевката исчезнува од неговото лице и се гледа тага во очите. Неговиот живот не се одвивал како што тој сакал а амбициите останале нереализирани.

„Но фудбалот ми подари многу пријателства така што имав среќа. Тие ми помогнаа во тешко време а тоа не можам да го заборавам“, заклучува несудениот талент на Реал Мадрид и повторно се насмевнува.