Во 1990 година пристигнува во Каталонија каде ќе продолжи да го демонстрира својот неверојатен талент. Ако од една страна не можел да го контролира својот провинциски темперамент, од друга страна во прво лице учествува во освојувањето на најголемите трофеи: Четири титули во Ла Лига по ред, три шпански Супер купови, еден европски Супер Куп и пред сè престижниот Куп на шампиони (денес ЛШ).
Заедно со Михаел Лаудруп, Роналд Куман и Ромарио го сочинуваа Дрим тимот. Стоичков стана идол на Камп Ноу, но никако не успеа да го скроти бурниот карактер кој го чинеше кавга со Јохан Кројф.
На легендарниот Мундијал 1994. година, Бугарија ќе има голема корист од синот на нацијата кој правеше магии во САД. Иако немаа добар почеток на Светското, Бугарите ја совладаа Аргентина на Марадона во групите а подоцна и Мексико на пенали во осмина-финалето. Следуваше дуел против Германија за влез во полуфиналето и кога Панцирите поведоа со 1-0, сите ја видоа Бугарија елиминирана.
Сепак, Стоичков со еврогол од слободен удар и Лечков со глава ја одведоа Бугарија во големото полуфинале каде им се исправи Италија на Баџо. Во меѓувреме Стоичков од САД се враќа во Барселона каде ќе избие караница со Кројф, кој изјави „Додека сум јас тренер, тој нема да заигра во екипата“.
Каков што родиле, Стоичков му вратил отворено: „Криво му е и никогаш нема да се помири со тоа што освоив повеќе трофеи од него во клубот“. Чашата преполнета и Христо на пат за Парма каде ќе игра една година. И покрај голот на дебито, на Енио Тардини го стигнува умор и веќе не е тој правиот левоног убиец на голманите. Падот на формата на Бугаринот ќе го искористи младиот Пипо Инзаги кој го натерал Стоичков да се врати на Камп Ноу.
Во Шпанија повторно освои неколку трофеи, а потоа го привлекоа јапонските јени и заигра за Кашива Рејсол. Неговиот темперамент го запознаа и во САД, играше за ДиСи Јунајтед и Чикаго Фајрс, каде ја заврши активната фудбалска кариера. Карактерот се носи со себе, па така и Стоичков не можел да избега од лошите навики. Во Софија и натаму се прераскажуваат неговите случки со ротационото светло на џипот кога возел низ градот како претседател на Собранието, како и ноќните циркузи по кафаните со бугарските фолк пеачки.