3. септември (среда) пријателска: Германија - Аргентина
Репризата на финалето од СП Бразил ќе се игра во Дизелдорф. Гаучосите со нов тренер но без повредениот Меси, а домаќините без капитенот Филип Лам кој се повлече од репрезентацијата.
4. септември (четврток) пријателска: Италија - Холандија
Антонио Конте ќе го има селекторското деби во Бари, против полуфиналистот од неодамнешното СП во Бразил. Балотели не е на списокот на кој се најде дебитантот Заза од Сасуоло.
5. септември (петок) пријателска: Колумбија - Бразил
Во дуелот на кој може да се смират Нејмар и Ѕунига, по грубиот старт на Колумбиецот кој го повреди бразилскиот напаѓач, по што Нејмар не играше во полуфиналето против Германија. На клупата на Бразил се враќа некогашниот селектор Дунга, кој најави големи промени во составот на кариоките.
8. септември (вторник) квалификации за ЕП: Шпанија - Македонија
Првиот натпревар во квалификациите за Еуро 2016 нашата фудбалска репрезентација го игра на Местаља, во Валенсија. Селекторот Ѓуровски ќе се обиде да направи подвиг во Валенсија, во дуелот кој значи нов почеток во нашиот фудбал.
Поранешниот светски и актуелен европски првак, Шпанија ќе не' пречека во изменет состав, затоа што Дел Боске реши да ги измеша картите во екипата по дебаклот на СП.
Чави, Давид Виља и Чаби Алонсо се повлекоа од државниот тим, додека селекторот Дел Боске за дуелот против нас, не ги повика Фернандо Торес, Хуан Мата и Роберто Солдадо.
На нивно место се повикани Пабло Алкасер, Тијаго Алкантара и Бартра.
13. септември (сабота) Примера: Реал Мадрид - Атлетико Мадрид
По поразот во Суперкупот, Кристијано Роналдо и другарите ќе имаат прилика да му се одмаздат на градскиот ривал веќе во првата половина од септември.
17. септември (среда) Лига на шампиони: Баерн Минхен - Манчестер Сити
Со натпреварите по групи на 16. септември во вторник започнува и овогодинешното елитно натпреварување. Ден потоа, на 17. септември е мега дуелот меѓу Баерн Минхен и Манчестер Сити, шампионите на Германија и Англија кои се во група со Рома и ЦСКА Москва.
18. септември (четврток) Лига Европа: Партизан - Тотенхем, Интер - Днипро
Второто по квалитет европско фудбалско натпреварување стартува во вообичаениот термин, секој четврток по Лигата на шампионите.
21. септември (недела) Серија А: Милан - Јувентус
Доскорешниот тренер на Милан, Масимилијано Алегри повторно се враќа на „Сан Сиро“, овој пат како тренер на Јувентус. Дуелите меѓу овие два тима секогаш привлекуваат големо внимание во Италија, затоа што станува збор за најтрофејни тимови на Апенините. Јуве го задржа костурот на тимот кој 3 години владее во Серија А, додека Милан се засили со Фернандо Торес од Челси.
21. септември (недела) Премиер лига: Манчестер Сити - Челси
Вистинско уживање пред тв приемниците ќе имаме на 21. септември кога Челси и Мурињо ќе се обидат да го освојат „Етихад“ стадионот во Манчестер.
21. септември (недела) Франција Лига 1: ПСЖ - Лион
Првото големо дерби во француското првенство ќе се одигра во Париз, каде ќе гостува тимот на Лион.
27. септември (сабота) Бундеслига: Шалке - Борусија Дортмунд
Вардаровите навивачи повторно ќе имаат прилика да присуствуваат на големото Рурско дерби, каде веќе неколку години им пружаат поддршка на УВЕ Гелзенкирхен, навивачите на Шалке.
Дербито на Рурската област неретко изобилува со инциденти.
30 септември (вторник) Лига на шампиони: Рома - Манчестер Сити
Напорниот месец, Мануел Пелегрини ќе го затвори во „вечниот град“, каде Рома после долги години ќе игра во најквалитетното клупско натпреварување.