„GTA грип“ и пад на телевизиската гледаност
Уште пред официјалното лансирање на 19 ноември, бројките ја најавија димензијата на овој феномен. Според економските анализи, само во САД барањата за слободни денови од работа се зголемиле за 13%, феномен што медиумите веќе го крстија „GTA грип“ (GTA Flu), додека нарачките однапред надминаа една милијарда долари.
Овој тренд директно ги погодува и спортските преноси бидејќи навивачите ги ставаат натпреварите во втор план. Анкетата на компанијата GameSquare покажала дека дури 70% од испитаниците се подготвени да пропуштат спортски натпревари за да играат GTA 6 во првите денови по излегувањето.
Проценките велат дека гледаноста на американскиот фудбал НФЛ трпи пад и до 42% за време на ударниот викенд по објавата на играта, бидејќи милиони гледачи своето слободно време го пренасочуваат кон конзолите.

Стравот на тренерите: Дали ѕвездите ќе паднат во форма?
Не се само навивачите тие што со нетрпение го чекаа враќањето во виртуелната држава Леонида (Vice City). Голем број врвни спортисти јавно признаа дека со денови ќе бидат пред екраните, што предизвика вистинска главоболка кај тренерите и кондициските тимови поради можниот недостаток на сон и пад на концентрацијата.
Кошаркарот на Хјустон Рокетс, Стивен Адамс, без влакна на јазикот ги предупреди медиумите уште пред лансирањето: „Подгответе се за ноември. Нивото на игра во целата лига ќе падне бидејќи излегува GTA“.
Слични шеги и најави за долги ноќи со џојстикот во рака дадоа и седумкратниот Ф1 шампион Луис Хамилтон, напаѓачот Александар Исак, НБА ѕвездата Мајкл Портер Џуниор и квотербекот Дрејк Меј.
Сепак, апсолутен хит е тренерот на Лацио, Џенаро Гатузо. Откако неговиот играч Фисајо Деле-Баширу јавно се пофали дека веќе ја набавил играта, новинарите го прашаа италијанскиот стратег дали стравува дека фудбалерите ќе остануваат будни до доцна.
„Не знам ни за што зборувате. Дали е тоа видеоигра? Со такво име, мислев дека е некој автомобил. Нивна работа е што прават пред Плејстејшн, нема да бидам полицаец и да ги проверувам. Но, утре наутро во 9:00 имаме заеднички појадок и добро ќе ги погледнам за да видам кој останал буден до доцна“, изјави Гатузо.

Клубовите го искористија моментот: Vice City во НБА и европскиот фудбал
Наместо да се борат против трендот, најголемите спортски брендови решија да го претворат во маркетиншка победа.
Бидејќи дејството на играта е сместено во фиктивната верзија на Мајами, Мајами Хит на дуелот против Милвоки Бакс, организираа специјална тематска НБА вечер („A Night in Vice City“) .
Дополнително, играчите добија луксузни персонализирани куфери опремени со Плејстејшн 5 Про и копија од играта. Во слична промоција се вклучија и Мајами Долфинс во НФЛ.
Фудбалските великани како Милан, Интер, Јувентус и Баерн Минхен ги преплавија социјалните мрежи со графики во препознатливиот стил на GTA 6, правејќи паралели меѓу денешните ѕвезди и составите од далечната 2013 година, кога излезе претходниот дел GTA 6.
Иако аналитичарите сметаат дека овој гејмерски земјотрес ќе трае неколку недели пред публиката и спортистите да се вратат во вообичаениот ритам, едно е сигурно, ниту една видеоигра досега не успеала толку силно да го помести фокусот на глобалната спортска сцена.