Околу 400 милиони луѓе од целиот свет пројавиле интерес во живо да го проследат финалето од ЛШ во Берлин, пишува Индепендент. Но најголем дел од нив ќе мора да останат покрај малите екрани, затоа што УЕФА на двете екипи им одобрила вкупно 40.000 карти, или по 20.000 за Барса и 20.000 за Јувентус.
Капацитетот на Олимпискиот стадион во Берлин е 70.500 седишта. Европската фудбалска унија одлучи во слободна продажба да пушти само 6.000 влезници, што остава 24.500 седишта резервирани за спонзорите и партнерите на УЕФА.
Официјалната продажба на влезници за финалниот дуел заврши, така што сега оние кои сакаат да ги гледаат Барса и Јуве ќе мора да купат карти на црно. Цената на овие влезници на црно стигнува од 1.500 фунти, па сè до 3.000 фунти пишува Индепендент.
Картите кои во март чинеа од 70 евра за четвртата категорија (горните седишта) и 390 евра за прва категорија (близу теренот), денес чинат многу пати поскапо. Барселона во просек има по 70.000 гледачи на дуелите на Камп Ноу сезонава. Стадионот во Каталонија има капацитет од 99.000 гледачи и на сите натпревари во Лигата на шампионите сезонава беше исполнет до последното место.
Од друга страна, Јувентус има околу 40.000 навивачи во просек во првенството.