Викендов во Бразил се одржа извлекувањето на групите за Купот на Конфедерации што од 15 до 30 јуни следната година ќе се одржи во Бразил, земјата домаќин на следното Светско првенство.
Пред почетокот, претседателот на ФИФА, Сеп Блатер изјави дека тоа ќе биде едноставно извлекување затоа што има само осум репрезентации кои ќе бидат поделени во две групи, а извлекувањето ќе биде полудиригирано. Но не беше толку едноставно.
Уште пред почетокот беше познато дека Бразил и Шпанија ќе бидат носители на групите, а за да не се сретнат репрезентации од ист континент уште во првата фаза, Уругвај и Италија требаше да бидат распоредени во спротивните групи на Бразил и Шпанија.
Но, кога беше извлечена репрезентацијата на Уругвај, почесниот гостин од земјата домаќин, најпознатиот готвач во Бразил, Алекс Атала наместо во групата Б, ги смести на позицијата А3, а генералниот секретар на ФИФА, Жером Валке тоа го потврди.
На големиот екран зад генералниот секретар на ФИФА, репрезентацијата на Уругвај беше сместена на позицијата Б3, но потоа настана вистински хаос кога на истата позиција требаше да биде извлечена и репрезентацијата на Тахити.
Сепак Валке реши да се справи со проблемот на своја рака па на позицијата А3 го смести Мексико, а на крајот Тахити го смести на Б3 и Уругвај го префрли на Б2.
Единствена на висина на задачата беше Адриана Лима.