Кога прашалникот за гласање испратен од ФИФА за избор на најдобар фудбалер и тренер пристигнал во ФФМ, капитенот на репрезентацијата Горан Пандев бил контактиран за потврда на неговиот избор во двете категории.
Горан Пандев усно потврдил дека го избрал Жозе Мурињо за најдобар тренер за 2012 година и му дава 5 поени.
„Сепак, при пополнувањето на прашалникот поради техничка грешка, без било каква намера да се злоупотреби изборот на Пандев, беше обележано името на Висенте Дел Боске. Следниот ден прашалникот беше испратен до ФИФА. Станува збор за техничка грешка. Јасно е дека Горан Пандев својот глас го дава за Жозе Мурињо.
Ја користиме оваа прилика да упатиме извинување до ФИФА, Жозе Мурињо и до нашиот капитен Горан Пандев за непријатноста на која беа изложени. Се надеваме дека последиците не се од големи размери и немаат големо влијание во изборот за најдобар тренер", стои во соопштението на ФФМ.