Веднаш откако ја објавивме приказната за Германецот Саша Деркоп кој има колекција од преку 200 дресови, но не може да најде дрес од фудбалската репрезентација на Македонија, на нашиот мејл пристигнаа повеќе понуди од наши читатели кои сакаат да му помогнат на пријателот од Германија, но добивме и еден многу позитивен телефонски повик.
Портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски ја прочитал приказната и заедно со неговите колеги веднаш решиле да му го решат проблемот на Саша со наоѓањето на дрес од македонскиот национален тим.
Подарокот од ФФМ е веќе во нашата редакција и ќе му биде испратен на Саша кој вети дека репрезентативниот дрес на Македонија ќе добие едно од главните места на изложбата која ја планира за време на Светско фудбалско првенство за екипи кои не се признати од страна на ФИФА.
Освен што ФФМ го израдува германскиот колекционер, тие наскоро ќе ги израдуваат и навивачите на македонската репрезентација. Како што ни најави портпаролот Андоновски, подготовките на интернет продавницата на ФФМ се во завршна фаза и наскоро секој ќе може да купи дрес, како и секаков вид на опрема и навивачки реквизити од фудбалската репрезентација на Македонија.