Саша Деркоп е Генерален секретар на Конфедерацијата на независни фудбалски асоцијации - ConIFA за која пишувавме пред некој ден околу нивната организација на Светско фудбалско првенство за екипи кои не се признати од страна на ФИФА.
26-годишниот Германец има необично хоби. Тој е колекционер на дресови од национални тимови. До сега има собрано 153 различни дресови од репрезентации кои членуваат во ФИФА, има 20 од тимови кои не се членки на ФИФА и ако ги брои и дупликатите тогаш има преку 200 дресови.
Започнал да ги собира дресовите во 2011-та година и на почетокот повеќето од нив ги купувал преку Ebay, а подоцна запознал и други колекционери со кои прави размена.
За секој дрес на неговиот блог има фотографии и приказна за начинот на кој успеал да го добие, но има и повеќе кои му недостигаат во неговата колекција. Помеѓу оние кои се најтешки за наоѓање се дресовите на Кајманските острови, Барбадос, Коморски острови, Џибути... и Македонија.
Токму така. Многу добро знаеме дека Пума прави дресови само за потребите на нашата репрезентација и оригинален дрес од македонскиот национален тим не може да се најде во продажба.
„Многу е тешко да се најде дрес од Македонија. Понекогаш ќе најдам некој дрес на Ebay или во некој друга продавница на интернет, но тие се чкарт. Имам пратено мејлови до Фудбалската федерација на Македонија и до Амбасадата на Германија во вашата земја, но тие не сакаа или не беа во можност да ми помогнат. Еднаш начекав оригинален дрес на Ebay, но го загубив наддавањето во последна секунда", ни изјави Саша.
Колекционерот пробал да најде дрес и директно преку фудбалери од нашата репрезентација, но еден од нив дури сакал и да му го продаде по висока цена.
„Се обидов да стапам во контакт и со фудбалери и успеав да контактирам еден член на македонската репрезентација кој тогаш играше во Германија (името на фудбалерот и е познато на редакцијата). Тој не знаеше германски па разговарав со него со помош на Google translate) и тој ми побара 250 евра за неговиот дрес, но тоа беше премногу за мене", дополни Саша.
Редакцијата на Офсајд би сакала да му помогне на нашиот пријател од Германија да ја пополни неговата колекција со помош на нашите читатели. Доколку имате оригинален дрес од македонската фудбалска репрезентација и би сакале да му го подарите или продадете на Саша, контактирајте ја нашата редакција или пишете му на Твитер (@AllFIFAshirts).