Другото Светско првенство во 2014

Само неколку денови пред почетокот на Светското првенство во Бразил, шведскиот град Остерсунд ќе биде домаќин на Светско фудбалско првенство за екипи кои не се признати од страна на ФИФА.

Во годината кога се одржува Светско фудбалско првенство, тешко дека некој ќе обрне внимание на некој друг настан, но сепак во тој период за прв пат во историјата ќе се одржи и еден друг фудбалски настан кој ќе не потсети дека има живот пред и по Бразил 2014.

Неколку денови пред почетокот на Мундијалот во Бразил, поточно од 1-ви до 8-ми јуни ќе се одржи уште едно Светско првенство. Тоа ќе биде првенство за асоцијации на држави, територии и народи кои не се признати од ФИФА.

Организатор на овој настан е Конфедерацијата на независни фудбалски асоцијации - CONIFA која е оформена во 2013-та година и првенството ќе се одржи во Лапонија, односно во шведскиот град Остерсунд.

На Светското првенство ќе настапат екипите на Абхазија, екипата на ерменските Асирци, Курдистан, Тамилски Елам, Занзибар, Дарфур Јунајтед од Судан, Островот Мен, Квебек, Нагорно Карабах, италијанската област Паданија, Окситанија и домашната репрезентација од регионот Сапми.

17 јануари 2014 - 15:30