Елмас го слави третиот трофеј со Наполи

Наполи ја доби Болоња и го освои Супер Купот на Италија. Голем успех за Елиф Елмас кој стигна до италијанската триплета.

Играч на финалето во Ријад беше Давид Нерез кој го отвори мечот со голчиште во 39 минута, а конечните 2:0 ги постави во 57 минута.

Елиф Елмас беше стартер и веќе на шести меч по ред добива шанса од првата минута, после повредата на Де Брујн.

Два пати во Серија А, по еднаш во Купот и ЛШ и сега два пати во Супер Купот во полуфиналето против Милан и финалето против Болоња. Играше до 68 минута, а потоа беше заменет со Ноа Ланг.

Со овој успех, тој стана само втор Македонец после Пандев кој успеал да ги комплетира сите трофеи во Италија: Скудето со Спалети, Куп со Гатузо и Супер Куп со Конте.

Горан Пандев има и Лига на шампиони, а во пензија замина со вкупно 9 трофеи освоени во Италија.

Инаку за Антонио Конте ова е втор трофеј со Наполи, а за претседателот Аурелио Де Лаурентис седми. 

Следното издание на италијанскиот Супер Куп, нема да се игра во Саудиска Арабија. Ријад ќе биде домаќинот на Купот на Азија.

23 декември 2025 - 08:38