Во гратчето Олиена, кое лежи на убавата Сардинија на Медитеранот, во 1966 година е роден малиот Џанфранко Ѕола. Како што растел, така се развивала и неговата љубов кон фудбалот, кој бил присутен во неговото семејство откако се родил.
За разлика од другите негови врсници, кои сонувале да играат за Јувентус, Рома, Милан и Интер, малиот Ѕола најмногу од сè сакал да заигра за својот сакан клуб - Каљари од Сардинија.
Како мал неколку пати одел на проба во овој клуб, но секој пат го одбивале поради неговата ситна градба. На крајот почналд а игра во локалниот тим Кораси каде што татко му бил спортски директор.
Веќе во својата 18-та година Ѕола бил подобар од сите негови соиграчи поради што луѓето од клубот Нуоресе од градот Нуоро го викнале да потпише со нив професионален договор. За 24 месеци во овој клуб Ѕола постигнал 10 гола на 30 средби и го чекал премин во поголем клуб.
Следна дестинација му бил Торес, клубот со кој играл во Серија Ц и каде што постигнал толку многу голови што го привлекол вниманието на Лучано Моџи, стариот лисец, тогаш директор во Наполи.
Торес за него добил 700 милиони лири и тројца млкади играчи од Наполи што во тоа време било право богатство. Во спротивна насока заминал Џанфранко. Малиот по раст Ѕола на Сан Паоло дошол на 23 години а во тимот веќе блескал Диего Марадона. На првиот тренинг на Ѕола, Марадона се пошегувал дека челниците на клубот конечно нашле некој помал од него со што ги засмеал сите присутни, па и Ѕола.
Ударната игла на Наполитанците ја сочинувале Марадона, Бруно Џордано и Карека, а малиот Џанфранко го учел секој нивен чекор и дриблинг што ќе се види подоцна во кариерата. „Сè што научив во фудбалот, научив од Диего. Заедно вежбавме слободни удари, а јас некогаш скришно гледав како ја пласира топката“, изјавил во една прилика Ѕола.
На важниот меч против Аталанта, Карека бил отсутен со репрезентацијата на Бразил, а Марадона бил болен така што во првите 11 се отвориле место за малиот Џанфранко даде ефектен гол за експлозија на Сан Паоло.
До крајот на неговата прва сезона 1989/90, Ѕола постигна уште еден гол и тоа во судиското продолжение против Каљари што му овозможи на Наполи да ја сочува предноста од два бода над Милан и на крајот да го освои Скудетото.
Тоа беше прва и единствена шампионска титула на Ѕола во кариерата.
Следната сезона Наполи одлично играше до полусезоната кога Марадона го суспендираа до крајот на сезоната поради употреба на дрога. Без него Наполитанците завршија седми, но со тандемот Ѕола-Карека го освоија Супер Купот на Италија.
Џанфранко играше одлично и доби повик за настап во најсаканиот дрес, оној на Италија. Дебитираше против Норвешка.
Пред стартот на сезоната 1991/1992, Клаудио Раниери стана тренер на Наполи а Марадона поради суспензијата го напушти градот под Везув. Ѕола ја доби неговата 10-ка и во следните две сезони играше фантастичен фудбал. Во 92/93 постигна 12 голови со 12 асистенции.
Клубот наеднаш почна да паѓа во долгови и управата мораше да ги продаде водечките фудбалери меѓу кои и Ѕола. Богатата Парма тогаш одвои цели 13 милијарди лири за него а навивачите се однесуваа со Ѕола како денес со Игуаин.
Во ’90-те години од минатиот век, Парма важеше за еден од најдобрите клубови на стариот континент. Малиот Ѕола брзо се прилагоди и на крајот од сезоната 93/94 на своето конто имаше 22 гола. Најзаслужен беше што Парма стигна до финалето на Купот на победниците на Куповите каде посилен беше Арсенал со 1:0.
Веќе следната сезона Парма заврши на третото место со 10 бода зад Јувентус, а Ѕола со 19 голови беше трет стрелец во Серија А, 7 повеќе имаше Батистута.
Следната сезона беше трета на Ѕола во жолто-белиот дрес на Парма. Таа 1995/1996 во првиот тим на „Млекарите“ голот го чуваше голобрадиот Џанлуиџи Буфон, со одбраната командуваше Фабио Канаваро а во нападот беа Инзаги, Стоичков, Ѕола и Дино Баџо.
Бугаринот и Ѕола имаа иста улога, поради што беа конкуренција еден на друг а тренерот Анчелоти упорно го ставаше Ѕола во средината од теренот каде не пружаше многу. Со завршувањето на сезоната, Стоичков се спакува и се врати назад во Барселона а Ѕола не се снајде во формацијата 4-4-2 и реши да ја прифати понудата на Челси.
Трансферот на Италијенцот во Англија значеше и еден од првите за фудбалер од Апенините на Островот. Сините за него платија 4,7 милиони фунти, а Ѕола имаше добар однос со Руд Гулит. Во првата сеозна малиот центарфор постигна неколку прекрасни голови меѓу кои и оној против Манчестер Јунајтед кога издрибла двајца противници и го совлада Шмајхел во меч од ФА Купот.
Челси цели 26 години немаше освоено трофеј и навивачите на клубот од Лондон губеа трпение. Во третото коло од ФА Купот, Сините го совладаа Вест Бромвич со 3:0 а во следното коло го дочекаа Ливерпул.
Со головите на Фаулер и Стен Колимор, Ливерпул на паузата замина со 0:2 и свирежи на Стемфорд Бриџ. Во 50. минута Марк Хјуз намали на 1:2 а Џанфранко Ѕола со прекрасен погодок од 25 метри го шокираше Дејвид Џејмс за 2:2. За пласман во 5. коло се погрижи Џанлука Виали со два гола за 4:2. Челси таа година го освои ФА Купот откако го совлада Мидлзброу со 2:0 во финалето.
Поради неверојатниот дриблинг и убави голови, навивачите го засакаа Италијанецот кој го нарекоа „Магичната кутија“. Тој не престана да ги крева на нозе ниту во следната сезона кога беше клучен човек во освојувањето на трите пехари (Лига Куп, Супер Куп и Куп на Купови). Поради повреда не заигра од почеток во финалето на КПК против Штутгарт.
На полувремето влезе во игра после само 29 секунди на теренот постигна гол со кој Челси го обезбеди и третиот трофеј во славната сезона.
Во ноември 1997 година, „Магичната кутија“ го постигна својот прв хет-трик во кариерата во триумфот на Челси од 4:0 против Дерби. Веќе следната година тренер на клубот стана Џанлука Вијали кој ги ротираше првотимците и Ѕола немаше многу простор.
И покрај тоа го водеше Челси до 1/4 финале од ЛШ и постигна два еврогола од слободен удар во ЛШ против Барселона и во финалето на ФА Купот против Астон Вила.
Во сезоната 2002/2003, Ѕола блесна како никогаш до тогаш. Даде 16 преубави голови, го прогласија за најдобар играч на Челси таа сезона а набрзо беше крунисан и за најдобар играч на клубот на сите времиња.
Стигна и фамозната 2003-та година кога рускиот тајкун Роман Абрамович го купи Челси и прва идеја му беше да го продолжи договорот со Ѕола кој требал да земе милиони и да осигура лагоден живот пред пензијата.
Тој неочекувано одбил, затоа што сакал да стои на зборот и да го исполни детскиот сон. Ветил дека пред завршувањето на кариерата ќе заигра за Каљари. На Сардинија го облече дресот со број 10 и му помогна на тимот да се врати во Серија А. Одигра уште една сезона и се прости од фудбалот со два гола против Јувентус.
За него постои и една анегдота по која во една прилика изнајмил хеликоптер од Болоња да му донесат 40 килограми сладолед на Сардинија. После тренирал и преку ноќ за да ги стопи калориите.