Станува збор за исклучително талентиран, млад фудбалер кој е роден без левата подлактица и кој по две години во младинските категории на Национал од Монтевидео, предстојниот викенд ќе биде во сениорскиот состав за дуелот против Ривер Плата.
„Користев протеза уште како мал и тоа ми помагаше да се чувствувам еднаков со другите. На почетокот ја носев цело време, затоа што не прифаќав да бидам поразличен", вели Дутур.
Откако две години бил најдобар играч во категоријата младинци, Матијас добил повик од тренерот на првиот тим, Алваро Гутиерез.
„Се срамев од тоа што немам рака се' до моментот кога од лутина ја фрлив протезата и видов дека играм многу послободно без неа. Од тогаш не сум ја ставил повторно", искрено раскажува Дутур за медиумите.
Игра на средината на теренот, а неретко извршува и дефанзивни задачи, па од таа причина во недела ќе игра со Алваро Рекоба.
„Кино Рекоба за мене е мит, жива легенда, тој ме инспирирал отсекогаш", изјави вчера младиот Дутур кој сега тренира со сениорите.
Пофални зборови за Матијас има и тренерот на првиот тим, Алваро Гутиерез:
„Секој од нас треба да знае да живее со судбината која што животот ни ја носи. Таа треба да се прифати и да се продолжи понатаму. Со своето однесување и професионализам, Дутур заслужи да биде со нас", изјавил тренерот на Национал, Алваро Гутиерез.
Матијас не е првиот фудбалер со ваква приказна.
Неговиот сонародник Хектор Кастро ги освои Олимписките игри 1928. година во Амстердам, а две години подоцна станал стрелец на првиот и последниот гол за Уругвај на СП 1930.
Кастро во несреќен случај ја загубил подлактицата на 13 години, кога доживеал струен удар на десната рака.
Инспиративната приказна на Матијас е слична со онаа на Габриел Муњиз, бразилското момче кое што е родено без нозе. Муњиз пред две години беше гостин на Барселона и една недела тренираше во спортскиот центар на Каталонците.