Дрис Мертенс - 7 гола на 2 меча, 8 гола за 10 дена

Кога навивачите на Наполи дознаа дека Полјакот Аркадиуш Милик ќе паузира повеќе од шест месеци, кренаа раце од борбата за скудето. Медиумите шпекулираа со нов напаѓач, а тренерот Сари експериментираше со малиот Белгиец Мертенс во нападот и направи чудо.

Ретки се фудбалерите кои во врелиот котел на „Сан Паоло“ оставиле таква трага по која што ќе ги паметат како Диего Армандо Марадона.

По заминувањето на Кавани па предавството на Игуаин, навивачите на Наполи во расниот шпиц Аркадиуш Милик најдоа и тоа каква утеха. Полјакот стартуваше одлично, постигна неколку важни голови, заигра во животна форма и ненадејно се повреди.

Во екипата од класичните напаѓачи остана само Маноло Габјадини кој повеќе ја грее клупата отколку што игра. Тогаш тренерот Маурицио Сари реши да игра без класичен напаѓач, со офанзивното трио Хамшик-Мертенс-Инсиње во навалата. И тоа се испостави како полн погодок.

Дрис Мертенс во неделата против Торино (5-3) постигна дури четири гола кои дојдоа после неговиот хет-трик против Каљари минатата недела (5:0). Последниот гол на Мертенс вчера беше посебно убав. На тој начин Белгиецот израмни рекорд во Серија А стар 42 години! После толку време еден фудбалер имал хет-трик учинок на два меча по ред.

29-годишниот Мертенс правеше чуда против Торино и се израмни со легендарниот Пјетро Анастази кој на два меча по ред направил хет-трик во мај 1962. година. Дрис Мертенс влезе и на листата фудбалери кои постигнале 4 гола на еден меч а на која се уште и Икарди, Клосе, Берарди, Виери, Алексис Санчез, Баџо, Милито и Ван Бастен.

Четирите гола на Дрис Мертенс ќе се паметат и по тоа што противничкиот голман Џо Харт само еднаш во кариерата примил толку голови на еден меч (во октомври 2007-ма кога Сити доживеа дебакл од 6:0 против Челси).

Поранешниот играч на ПСВ Ајндховен во моментов е на квотата од 10 гола на 15 средби во првенството. Еден гол Мертенс даде во Купот на Италија, во Лигата на шампионите има четири а во дресот на репрезентацијата само во квалификациите за СП 2018 постигна три гола. Колку за потсетување, Мертенс кој важи за крилен напаѓач, минатата сезона на 33 меча постигна 5 гола. Сезонава на теренот минал 1627 минути и дава гол на секои 25 минути.

 

19 декември 2016 - 13:55