Драмата на фудбалерот кој ја направи Германија светски првак

Еден од најголемите таленти во историјата на германскиот фудбал и човекот којшто беше кобен по Аргентина и Меси во финалето на Мундијалот 2014 би можел прерано да ја заврши кариерата поради сериозни проблеми со метаболизмот. Сезоната за него е готова.

На минута пред да влезе на терен од клупата во финалето на Светското првенство 2014 слушнал мотивационен говор: „Сега покажи му на цел свет дека си подобар од Меси и дека можеш да решиш сè“.

На громогласната Маракана до крајот на основното време останаа уште пар минути и никој не можеше спокојно да го гледа финишот на најважниот меч во фудбалот. Јоким Лев, напротив, изгледаше како човек без нерви, дискретен и мирен во оваа провокативна фаза кога се доживуваат срцеви удари.

Таквиот негов став вредеше. После 25 минути Германците безумно славеа по теренот и по трибините. Пред крајот на продолженијата Марио Геце со акробатски потег даде гол и на својата земја и го подари Светскиот шампионат.

Јоги Лев сигурно тогаш се чуствувал како пророк, но се обиде да не го покажте тоа, туку го награди Геце со комплиметни: „Отсекогаш верував во Геце, тој стана нашиот златен, чудесен дечко“.

„Марио е еден од најголемите таленти некогаш родени во Германија“, радосно коментираше Матјас Замер од Дортмунд.

Копачките со кои Марио го даде најважниот гол кој може да падне во фудбалот, ги продале на добротворна аукција за 2 милиони евра. Љубовта кон Геце била безгранична. Но чудото брзо поминало.

НЕ Е ПОГОДЕН ЗА БАЕРН

Подоцна Геце изјавил дека очекувањата од него се зголемиле после одлучувачкиот гол во финалето на СП 2014 и дека споредбите со Меси се претешки: „Кога селекторот Лев ми го кажа тоа се израдував, но сега сфаќам дека ќе беше подобро ако тој разговор останеше меѓу нас како тајна“, вели Марио Геце.

Талентираниот офанзивец продолжи да зборува дека споредбите со Меси му се тежок товар - тоа е како да споредувате напаѓач со стопер затоа што имаат потполно различни задачи.

Во сезоната по Светското првенство Геце играше стандардно и повеќе време од него на теренот имаа амо Левандовски, Милер и Бернат. Но формата почна да му опаѓа и прв за тоа коментираше Франц Бекенбауер:

„Понекогаш ме потсеќа на многу млад играч којшто ги загубил боречките вештини и е како замрзнат. Не е погоден за Баерн. Треба да порасне и фудбалски да созрее“.

Еден малер иде по друг, па така му се нагомилаа и повреди. Во сезоната 2015/2016 Геце пропушти дури 116 дена и 17 меча поради повреда на задната ложа и никако не успеа да се врати во ритам.

Европскиот шампион од 1996, Мехмет Шол дополнително го издепримира: “Потребно е да тренира многу повеќе. За мене тоа е очигледно зошто не може да биде стабилен. Се сеќавам колку беше брз во Борусија. Сега е далеку од таа форма“.

Во последната сезона во Баварија, Геце седеше на клупата за резерви и се појави на 14 меча. Менаџерот Фолкер Штрут за се го обвини Гвардиола: „Хозеп едноставно го уништи Марио. Геце сметаше дека тренерот нема доверба во него, а кога го ставаше во игра бараше од него да биде клучен играч. Му даваше шанса само на небитни натпревари“.

Пеп одговори максимално тактично - го нарече Геце еден од најголемите професионалци кои ги видел во својата кариера.

Следното лето се се смени. Гвардиола замина во Манчестер Сити, а Марио се врати во Дортмунд каде три години го сметаа за голем предавник и се противеа на неговото враќање од лутиот ривал Баерн.

„СТАНАВ ПОЈАК“

Оваа варијанта со враќањето изгледаше идеална затоа што Геце можеше да ја оживее кариерата таму каде што здраво ја започна. Во неколку наврати изјавуваше дека станал зрел и разумен. Одби да се споредува со 19-годишниот стар Геце.

Геце кажа дека се се сменило и дека му треба висок интензитет на тренинзи и натпревари. “Сега имам други проблеми, популарноста и гламурот не ми се важни, важно ми е само да давам голови и местам асистенции. Сакам да се оддалечам од таа слика на популарен фудбалер. Станав појак“.

Последен пат Геце играше за Борусија кон крајот на јануари и на 11 меча во Бундеслигата даде само 1 гол и 1 асистенција, па критиките не престанаа.

„Ако Геце не се врати во форма, треба да оди во Кина. Јасно е дека Шалке или Баер не го бараат, Гладбах нема доволно пари а на странските клубови не им е привлечен“, изјави Лотар Матеус.

Како што се испостави неделава, причината за падот на Геце бил многу посериозен.

СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ СО МЕТАБОЛИЗМОТ

Во понеделникот, Борусија објави дека Геце ќе прекине со фудбалот на неопределено време поради нарушувања во метаболизмот.

„Драго ни е што конечно ја дознавме правата причина за проблемот на Марио. Веруваме дека по опоравувањето пак ќе не импресионира со своите вештини“, стои во соопштението од Борусија Дортмунд.

Според реномираниот Bild, Геце долго време се обидува да ја врати оптималната тежина и претходниот физички облик, но ниту исхраната, ниту диетата, ниту специјалната тренинг програма не помогнала.

Борусија не сака да ги открие деталите на заболувањето, но извесно е дека лечењето ќе биде долго и сезоната за Марио е завршена. Геце постојано оди на лекарски прегледи, но немало потреба за хоспитализација.

По оценките на Ралф Орман, којшто работел како советник во репрезентацијата на Германија, станува збор за две или три можни заболувања. „Не може да се утврди на прв поглед, симптомите укажуваат на разни болести“.

КАРИЕРАТА ПОД ПРАШАЊЕ?

Првата варијанта е - метаболичка миопатија. Како што опишува доктор Орман, поради нарушување на енергетскиот обим во организмот (растурање на органски материи и како резултат на тоа телото не може да се напојува со клетки) и се нарушува работата на мускулите.

Постои мускулна слабост, појава на грчеви, изгубена мускулна маса и телото не е способно за капацитетот на вежби.

Со ова може да се објасни бројот на мускулни повреди кој го мачат Геце во текот на целата кариера: 18 пати имал повреди на мускулите поради што пропуштил 69 меча.

Втората и пострашна варијанта е - хипертиереоза или хипотиреоза. Првата болест ја прати гомилање на тироидни хормони во крвта што за возврат драматично ги забрзува метаболичките процеси и влијае на работата на организмот - од срцев ритам па до дигестивниот систем.

Втората болест, напротив, се манифестира со смалување на хормоните на штитната жлезда - драматично се смалува работата на организмот поради што се зголемува тежината (екстра килограми), а се намалува развојот на мускулите.

Од хипотиреоза страдаше и големиот Бразилец Роналдо. За неговото заболување дознал во Милан но молчел цели четири години - додека не ја завршил кариерата.

„Имав нарушен метаболизам. За да ја контролирате својата тежина, мора да земате хормони коишто се строго забранети според анти-допинг правилата. Многумина се смееа со мојата тежина, но не се навредував. Просто решив да ја кажам вистината во последниот ден од кариерата“, изјави Роналдо пред неколку години.

Борусија се уште не го објави периодот за опоравување на Геце, затоа што ситуацијата останува нејасна. „Ќе се потрудам што поскоро да се вратам на тренинзите и да и помогнам на екипата“, кратко изјави Геце.

А шефот на Борусија, Ханс-Јоаким Ватцке апелирал до сите кои бурно го критикуваа и напаѓаа Геце во последните неколку години: „Уверен сум дека некои луѓе сега се должни да се извинат“.