Манчестер Јунајтед одигра само 1-1 кај ВБА и дополнително заостана бодовно зад лидерот Сити. Еден од најголемите „кривци“ за тоа е и голманот Сем Џонстон кој во 90+5' минута одбрани топка која веќе беше видена во гол.
Притоа судијата Грег Поусон во еден момент свирна крај на прв дел кога Јунајтед беше залетан во луда контра 3 на 1.
„Сем имаше супер одбрана на крајот, но не мислам дека имаше многу работа. Ние само еднаш ја вадевме топката пред гол линија во вториот дел“, го пофали тренерот Алардајс својот голман.
Го пофалија и Солскјер и фудбалерите на Манчестер. Оле Гунар изјави дека одбраната во финишот била одлична. На времето голманот Џонстон доби пофалби и од Мурињо.
„Сем е голман со огромен потенцијал. Овој млад дечко е голем професионалец, одлично се однесува кон работата. За кратко време додека јас сум во клубот, тој многу се разви. Среќен сум што ја врза својата иднина со Манчестер Јунајтед“, изјави Жозе во 2016-та како трене на Олд Трафорд.
Сем Џонстон е дете од академијата на Јунајтед. Тој во младинските категории бил уште од 10 години. Но до свои 23 години не бранел ниту еднаш за првиот тим и дури 8 пати го праќале на позајмици.
После две години, во 2018-та го продале, без разлика на големиот потенцијал како што изјавил Мурињо.
„Растев во Јунајтед, поминав таму неверојатно време. Тоа е најдобар клуб за млад играч кој се спрема за иднина. Таму бев од 10 години, така што за мене е тажен денот кога заминав“, рекол Сем.
Неговиот договор го откупил Вест Бром кој тогаш само што испадна во Чемпионшип и остана без репрезентативецот Бен Фостер.
Сем Џонстон за брзо време станал стандарден голман, прв избор во една од најсилните екипи во втора лига и за 2 години таму бранел речиси на сите натпревари. Во Премиер лига сезонава пропуштил само еден меч, а сега се прослави против својот Манчестер Јунајтед.
Притоа Сем му помогна на ривалот Сити да избега во трката за титулата. Јунајтед заостанува 7 бода зад Манчестер Сити кој има и меч помалку. На петте последни натпревари во Премиер, Манчестер Јунајтед има само 1 победа и тоа онаа страшната од 9:0 против Саутемптон. Изгубија исто само еднаш, а три пати играа нерешено.
Вест Бром втор пат по ред дома игра нерешено. Пред доаѓањето на Биг Сем Алардајс, ВБА на својот „Хоторнс“ четири пати изгуби со гол разлика 0:17, така што овој бод против Јунајтед е како планина голем.