Алваро Мората

Детето кое им даваше копачки на сиромашните другари

Еден час пред мечот Шпанија - Турција, најгласни околу и на стадионот биле само турските навивачи. Во 48-та минута од мечот грмеа само Шпанците, благодарение на нивниот нов суперхерој.

Само што започна дуелот Шпанија - Турција, Мората украде една топка од Чаланоглу и силно шутираше, а голманот Волкан едвај одбрани. Во следниот напад на „Црвената фурија“, Алба центрираше а Мората ја погоди стативата.
 
Тоа беше доволна причина коментаторите на ЕП да го прогласат Мората за нова ударна игла на Шпанија.  Се редеа шансите на Ла Роха и во 34’ минута на центаршут на Нолито, Мората со еврогол со глава го отвори резултатот.
 
Три минути подоцна фудбалерот на Јувентус ја започна акцијата која Нолито ја круниса со гол за 2:0. Турскиот селектор Фатих Терим удри шише вода во земја и се испрска, а Шпанците во 48’ минута го запечатија резултатот 3:0. Стрелец Мората.

 

На девет години, Мората, кој пораснал во мадридскиот реон Мирасер, учествувал во школата на Атлетико каде конкурирале петстотини други деца. Во Атлетико, малиот Алваро дошол по желба на својот дедо Игнацио, стар навивач на овој клуб. Од Висенте Калдерон набрзо им се јавиле и им кажале дека го задржуваат Мората, но татко му Алфонсо изненадно им рекол: Никаков Атлетико додека не ги поправи оценките. Година дена подоцна ја признал грешката и го вратил.

Во Атлетико Мората давал голови за младинците и тренирал со сениорите на Калдерон. Брзо нагло пораснал, од најнизок играч во тимот станал највисок, но станал склон на повреди. Местото во нападот му го зел Борха Гонзалес и Мората решил да замине во Хетафе, клуб од мадридското предградие.

Татко му на Алваро работел во комерцијалниот одел на Cadena COPE, семејството живеело во благосостојба и било добро ситуирано за што зборува и Даниел Ариас тренер на Мората во Хетафе:

„Алваро секогаш беше скромно, симпатично момче. Дури им подаруваше копачки на другарите кои немаа пари".

Заиграл редовно за првиот тим. Во 2008 година со стоперот Серхио Гонзалес заедно потпишаа со Реал Мадрид. Тогаш се остварил сонот на Алваро: Се најде во иста соблекувална со човекот чијшто постер му стоел на вратата.

Две години подоцна, Мората бил на одмор со семејството во Малага кога на дисплејот од телефонот му се појавило името на Жозе Мурињо. „Спремај се за пат на припреми во САД, одиме на турнеја". Претходно играл само за третиот тим на Кралскиот клуб, Реал Мадрид Ц. Дебито за Реал го имаше на 12. декември 2010. година кога во 88' минута го замени Анхел Ди Марија во триумфот од 3:1 над Сарагоса.

Дебитантскиот гол за омилениот клуб (иако Мурињо велеше деке не е спремен) го даде на 11 ноември 2012-та само 60 секунди откако влезе во игра против Леванте и Реал победи 2:1.

Кога Мурињо го викнал за мечот против Валенсија, Мората отишол дома, и однел цвеќе на баба му Кармен која претходно останала без мажот и на сите дома им дал карти за мечот. Сите дошле на Сантијаго Бернабеу, но Мурињо не го пуштил Алваро во игра.

„Тој беше како Надал на Вимблдон. Ме гушна, не баци и ми го зеде шпанското знаме. Во еден дуел претходно со ирскиот голман ја дупна главата и доби шест конци. Но тоа не му сметаше да биде среќен и насмеан", раскажувал Алфонсо Мората за Ел Паис кога син му го освои младинското ЕП 2011 и ја освои наградата за најдобар стрелец.

И покрај тоа остана четврт напаѓач на Реал и замина на позајмица во Јувентус. Тоа се испостави како полн погодок, дури му даде и гол на Реал во Лигата на Шампионите, стигна и до финалето против Барса во Берлин. Шпанија после неколку години конечно доби прав напаѓач (Солдадо, Негредо и Торес не беа во форма) и во Алваро има човек за големи дела.

Можеби Мурињо повторно ќе му се јави?