Реал Мадрид - Манчестер Јунајтед 1:1 (1:1)
Велбек 20 - Роналдо 30
Големата битка на „Сантијаго Бернабе" почна во знакот на домаќините кои преку Фабио Коентрао ја погодија стативата уште во 5-тата минута. Иако Кралевите ја имаа иницијативата на мечот, Манчестер го отвори резултат со голот на Велбек по центар шутот на Ван Перси во 20-тата минута.
По 10 минути игра Реал Мадрид одговори преку Кристијано Роналдо, кој на асистенција на Озил погоди за 1:1 и реши да не се радува против својата поранешна екипа.
Неизвесен и борбен фудбал се играше и во вториот дел во кој повторно Кралевите имаа повеќе од играта и шансите. Во 60-тата минута Де Хеа спаси чудо од самата гол линија по шутот на Коентрао, а по 10 минути игра најпрвин Руни ја погоди пречката, а потоа Чаби Алонсо го спаси голот по недоволно силниот удар на Робин ван Перси.
До крајот на првиот осминафинален дуел, фудбалерите на Реал постојано притискаа за да стигнат до водство пред реваншот во Манчестер, а во продолжението на мечот од 3 минути, Ван Перси за малку ќе ги шокираше домаќините.
Шахтар Доњецк - Борусија Дортмунд 2:2 (1:1)
Срна 31, Коста 68 - Левандовски 41, Хумелс 87
На вториот дуел во Доњецк, дуелот помеѓу актуелните шампиони на Украина и Германија заврши 2:2. Мразот на средбата го скрши хрватскиот репрезентативец Дарио Срна со фантастичен подогок од слободен удар од околу 25 метри, но по 10 минути игра Левандовски го израмни резултат.
Во второто полувреме домаќините повторно први дојдоа до водство преку нововлезениот Даглас Коста кој по само 6 минути на теренот погоди за 2:1. Борусија се спаси од пораз на 3 минути до истекот на регуларните 90 со голот на Хумелс.