Дерби дела Мадонина без победник

180-то првенствено дерби на Милано заврши без победник. По интересен и неизвесен натпревар, градските ривали Интер и Милан поделија по едно полувреме, а на крајот и ги поделија поените.

По 180 одиграни натпревари во Серија А, Интер остана на 67 победи, Милан има 60, а ова беше 53-от натпревар без победник.

Фудбалерите на Милан ја имаа иницијативта и повеќе од поседот на топката и по 21 минута игра дојдоа до водство. Резултатот го отвори Стефан Ел Шарави кој по додавањето од Боатенг во шеснаесетникот, со одлична завршница го совлада Хандановиќ за 0:1.

Во продолжените на првото полувреме дефанзивците на Интер оставаа премногу простор за навалната линија на Милан, посебно за нивниот поранешен член Балотели кој во неколку наврати се најде во шанса, но словенечкиот голман беше поуспешен.

На почетокот од второто полувреме Милан продолжи со иницијативата, но „домаќините" пополека се ослободуваа од притисокот, а повремено и се закануваат кон голот на Абијати.

По 70 минути игра и по само 3 минути игра на неговото прво дерби, нововлезениот Скелото по нафрлувањето на Нагамоти од левата страна, со глава ја затресе мрежата на Милан за конечни 1:1.

По 26 одиграни натрпевари, Милан е на 3-та позиција со поен повеќе од Интер кој се израмни со Лацио со 44 поени.

24 февруари 2013 - 22:53