Циркузот во Италија продолжува, Малдини и Леонардо ја напуштија репрезентацијата по 16 дена

Андреа Пирло беше на прагот да стане нов селектор на Италија но поради тоа што рекламирал руска обложувалница не му дозволија да седне на клупата на аѕурите.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ФУДБАЛСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА ИТАЛИЈА НЕ ГИ СЛУШАЛ МАЛДИНИ И ЛЕОНАРДО И ГО САКАЛ САМО МАНЧИНИ

Легендарните фудбалери на Милан, славните Паоло Малдини и бразилскиот Италијанец Леонардо заминале од своите места во фудбалската федерација на Италија само 16 дена по назначувањето. За ова соопшти Џанлука Ди Марцио а се чека на официјална потврда од Фудбалската федерација на Италија.

Сето поради конфликт со првиот човек на FIGC Џовани Малаго а во врска со прашањето за нов селектор. Малдини и Леонардо инсистирале на Пирло а Малаго го блокирал договорот со некогашниот фудбалер на Милан, Интер, Јувентус, Бреша и Њујорк.

Се споменуваше и Пеп Гвардиола како кандидат но Шпанецот не доаѓа во ваков хаос. Карло Анчелоти има 4-годишен договор со Бразил и на него Италијанците може да заборават.

На крајот останале двајца кандидати, Пирло и Манчини. Двете страни (Леонардо и Малдини против Малаго) не нашле компромисен кандидат. Малаго го одбил предлогот за Пирло па овие двајца рекле дека ќе заминат од своите функции.

Наводно кандидати за клупата на Италија се уште и Рафаеле Паладино, Стефано Пиоли и Тиаго Мота. Малаго пак сакал или Манчини или Антонио Конте.

Малдини наводно рекол дека не разбрал зошто го викнале на должноста технички директор ако не му дозволуваат да работи. По заминувањето на Малдини и Леонардо во федерацијата планираат да ги назначат Џорџо Кјелини за нов технички директор а селектор да биде Роберто Манчини кој им го донесе европскиот шампионски пехар од Еуро 2021.

ПИРЛО ОТПАДНАЛ ПОРАДИ ДОГОВОР СО РУСКИ ФОНБЕТ

„Синоќа дознав дека повеќе не сум кандидат за селектор на репрезентацијата. Професионалната соработка која што западна во центар на скандал се појави во контекст на мојата кариера во ОАЕ и има исклучително комерцијален и спортски карактер. Да и се дава политичко значење на оваа соработка значи да ми се припишуваат некои убедувања кои никогаш не сум ги искажувал ниту ми се својствени“, рекол Пирло за договорот за спонзорство со руската кладилница Фонбет.

28 јули 2026 - 08:25