Челси на тронот на Европа

Екипата на Челси е новиот шампион на Европа откако на 57-то финале на најелитното клупско натпреварување, Англичаните беа поуспешни од Баерн Минхен по изведување на пенали и ја освоија својата прва европска титула.

Баварците нападнаа уште од самиот почеток, а фудбалерите на Челси како и против Барселона, се одлучија да го чуваат својот гол и да се закануваат со контри.

Фудбалерите на Баерн ја имаа иницијативата и имаа неколку обиди, но на првата сериозна шанса се чекаше до 21-та минута. Робен се проби по левата страна на шестнаесетникот и шутираше по земја, но Чех успеа да го одбрани овој удар и топката од неговата нога заврши во оквирот на голот.

Во 36-та минута Контенто одлично ја уфрли топката во шестнаесетникот на Челси каде го пронајде Милер, но неговиот удар заврши покрај голот.

Челси го имаше првиот шут кон голот на Баерн дури во 37-та минута кога биеше Калу, но Ноер беше сигурен и го одбрани неговиот удар.

На три минути пред крајот на првиот дел, Марио Гомез пропушти шанса да го одведе Баерн во водство. Тој одлично се ослободи од Кејхил во шестнаесетникот, но шутираше многу лошо и топката отиде високо над голот.

Мрежата од голот на Челси за прв пат се затресе во 54-та минута, но овој гол беше поништен затоа што Рибери се наоѓаше во офсајд.

Сликата на теренот не се промени и во продолжението од вториот дел. Фудбалерите на Баерн Минхен ја имаа иницијативата, напаѓаа, изведуваа корнери и се закануваа кон голот на Чех, нивните шутеви завршуваа покрај голот или беа изблокирани од дефанзивците на Челси.

Сепак одбраната на Челси не издржа до крајот. Во 83-та минута Крос нафрли од левата страна и го пронајде Милен на втората статива кој биеше со глава и топката од теренот се одби во мрежата на Чех.

Но Челси не се предаде. Во 88-та минута Англичаните го изведоа првиот корнер на натпреварот, а Дидие Дрогба најдобро се снајде во воздушниот дуел пред голот на Баерн и го постави конечниот резултат по регуларните 90 минути.

Во четвртата минута од првото продолжение Дрогба направи наивен прекршок над Рибери во шестнаесетникот, а судијата Пруенса не се двоумеше кога досуди најстрога казна. Но Петр Чех беше поуспешен од Робен и успеа да му го одбрани неговиот удар од белата точка.

На стартот од второто продолжение Олиќ пропушти шанса да го реши натпреварот кога наместо да бие кон голот тој сакаше да го проигра Ван Бујтен, но топката помина само крај голот.

По 120 минути игра натпреварот заврши со резултатот 1:1, со што европскиот првак мораше да биде одлучен по изведувањето на пенали.

Во првата серија Лам погоди за Баерн, а Ноер го одбрани ударот на Мата. Гомез и Давид Луиз беа успешни во втората серија, а во третата Ноер го совлада колегата Чех и Лампард погоди за Челси. Чех го одбрани пеналот на Олиќ, а резултатот по четвртата серија го израмни Кол. Во петата серија Швајнштајгер ја погоди стативата, а победничкиот гол и европската титула на Челси му ја донесе Дрогба.

19 мај 2012 - 21:35