Бразил од 1970 е најдобриот тим на сите времиња

По успехот на Шпанија во последните четири години, многумина констатираа дека тоа е најдобриот тим на сите времиња. Но постарите генерации не се согласуваат со оваа констатација. За нив тоа е генерацијата на Пеле која го освои Светското првенство во 1970-та година.

Репрезентацијата на Шпанија ова лето стана првиот национален тим кој го одбрани трофејот од Европското првенство, помеѓу двете континентални, го освои и трофејот од Светскот првенство.

Сепак овој успех не ги импресионираше постарите љубители на фудбалот кои имале шанса да го следат и Светското првенство во 1970-та година.

Тоа беше прво Светско првенство кое во боја било пренесувано на ТВ екраните низ целиот свет, а многумина сметаат дека тоа е едно од најквалитетните Светски првенства во историјата.

Тимот предводен од капитенот Карлос Алберто и соиграчите Клодоалдо, Жерсон, Ривелиљо, Жаирзињо, Тостао и секако Пеле, допатува во Мексико со шест победи на шест квалификациски натпревари.

Во тоа време Бразилците не настапувале во големи европски екипи како сега, а континенталните натпреварувања во Јужна Америка заостанувале многу зад оние во Европа. Но сепак бразилските фудбалери биле една класа над своите конкуренти.

По победите над Англија, Романија и Чехословачка во групната фаза, Бразилците лесно се справија и со Перу во четвртфиналето и Уругвај во полуфиналето, а во финалето беше преслушана и Италија со 4:1.

Во анкетата на Goal, на второто место е репрезентацијата на Шпанија 2008-2012, а на третото е Западна Германија 1972-76.

Со изборот на Бразил од 1970 за најдобар тим на сите времиња се согласуваат и уредниците на World Soccer магазинот. Според нив, најдобар натпревар на сите времиња е полуфиналниот дуел од тоа Светско првенство помеѓу Италија и Западна Германија (4:3), а најдобар гол во историјата на фудбалот е оној на Марадона против Англија на Светското првенство во 1986-та година.

1 октомври 2012 - 15:43