Артемио Франки не простува предавство

Во недела од 18 часот, Мохамед Салах го очекува непријателска клима на стадионот на Фиорентина, чиишто навивачи сметаат дека Египќанецот ги предал со заминувањето во Рома. На нож во минатото беа пречекувани Баџо, Конте, Роси, Монтоливо.

Мохамед Салах во јануари годинава од Челси беше позајмен во Фиорентина. За Виолетовите настапи на 26 натпревари и постигна девет голови, од кои два прекрасни против Јувентус на гостински терен. За кратко време ги освои навивачите на клубот кој имаше право на откупна клаузула од Челси.
 
Фиорентина реши да даде 15 милиони евра за неговиот договор, но Салах не се врати во Фиренца и замина на преговори во Рома. Потпиша со Римската волчица по што Фиорентина реши да го тужи фудбалерот во УЕФА, која на крајот пресуди во корист на Рома. Навивачите на Фиорентина спремаат „посебен“ пречек за секој поранешен играч кој по престојот кај нив заминал во ривалски клуб. За ниту еден немаат исклучок.
 
Првиот беше Никола Берти. Три години во Фиорентина од 1985-та до 1988-ма. 80 натпревари и 8 голови за клубот во кој беше миленик. Кога му заврши договорот одби да потпише нов и реши да ја продолжи кариерата во Интер. Со Нероаѕурите освои Скудето, Суперкуп и Куп на УЕФА.
 
На Артемио Франки се врати како противник на 12. февруари 1989. година и не му беше лесно, затоа што му довикуваа дека е предавник, како се продал за пари, како мисли само на новчаникот и нема образ... Резултатот? Берти не ја виде топката, а кога и да ја примеше, стадионот се тресеше од свирежи. Трапатони одлучи да го извади после половина час. Фиорентина победи 4-3, но Интер на крајот од сезоната го освои Скудетото.
 

РОБЕРТО БАЏО И ШАЛОТ

По петгодишна љубов и полемика за продажбата во Јувентус, на 6. април 1991 година Роберто Баџо за првпат се врати во Фиренца и тоа како противник. Свирежите и навредите на Артемио Франки не престануваа. Во текот на мечот, Јувентус доби пенал а Баџо одби да го изведе. „Голманот Мареџини добро ме познава", се правдал Баџо после средбата.

Шутираше Де Агостини, но Маџерини одбрани. Фиорентина на крајот славеше со голот на Диего Фузер, а Баџо при излегувањето од игра од трибините доби виолетов шал. Инстиктивно го крена од земја и го стави околу вратот. На тој начин од свирежи, 40.000 луѓе му аплаудираа.

ЛОШ ПРЕЧЕК И ЗА БАТИ ГОЛ И МОНТОЛИВО

И покрај тоа што на првиот натпревар против Фиорентина во дресот на Рома даде гол и заплаче од тага, Габриел Батистута не беше со отворени раце пречекан на реваншот на Артемио Франки. Домаќините славеа 3-1 со головите на Енрико Киеза, а Батистута беше испратен со свирежи.

Исто сценарио Фиренца им приреди и на Руи Коста и Рикардо Монтоливо кои решија да го облечат дресот на Милан. Монтоливо во 2013-та како капитен на Милан постигна гол против Фиорентина на Артемио Франки, но реши да не го прослави погодокот.

„Никогаш не сум видел такво нешто. Не сум помислил дека ќе мора да направам замена за да ги запрам свирежите", изјави во една прилика тренерот Џиџи Де Канио, кој морал да го вади Марко Роси затоа што Франки грмел од свирежи против играчот.

Ниту актуелниот селектор на Италија, Антонио Конте не беше поштеден од навреди кога како играч на Јуве истрча на Артемио Франки, неговиот некогашен втор дом.