Бенфика е клубот со најголема заработка од трансфери во последните пет години. Во ова влегува и астрономската продажба на Жоао Феликс во Атлетико за 126 милиони евра во јули 2019.
Бенфика е лидер по вкупното салдо (продажба минус купување). Португалскиот клуб можеби не продава повеќе играчи од другите (Монако продал играчи во вредност од 225 милиони евра), но „орлите“ од „Луж“ не трошат многу.
Од сезоната 2014/2015 до денес, Бенфика приходувала +725,13 милиони евра од трансфери, расходите им биле -197,07 милиони евра и на крај кога ќе се подвлече црта, на денешен ден се во плус 528,06 милиони евра.
Шампионот на Португалија не руши рекорди по единечна продажба, но секоја година продава по неколку фудбалери за 20-40 милиони евра. Пример, пред младиот бисер Феликс, најскапо продаден играч им беше бразилскиот голман Едерсон кој отиде на „Етихад“ за 40 милиони евра во 2017-та.
„Најмала“ заработка во последните пет години Бенфика имала во сезоната 2018/2019 кога продала играчи во вредност од 69,43 милиони евра, а тековниов трансфер период им е најплоден со заработка од 188,2 милиони евра.
Интересно, португалскиот гигант заработува и од позајмици на играчи. Во летото 2016 Бразилецот Талиска отиде на 1-годишна позајмица во Бешикташ за 4 милиони евра, а минатото лето во Гвангжу во Кина за 5,8 милиони евра за шест месеци, а минатата зима го продадоа неговиот договор за 19,2 милиони.
Поради сево ова, составот на „црвените“ се менува од година во година. На пример во сезоната 2014/2015 во клубот дошле 25 нови играчи (кој вратен од позајмица, кој купен, кој прекомандуван од Бенфика Б), а во 2015/2016 заминале дури 34 играчи.
Стратегијата на Бенфика е позната како 4S, односно scout, settle, success, sell (претрага, адаптација, успех, продажба).
За трансферите најзаслужни се извршниот директор Домингеш Оливеира и скаутите. „Основата на нашата стратегија е да најдеме млади фудбалери во нивната рана фаза од развој. Се обидуваме да најдеме иден првотимец не само во нашата академија, туку и преку мрежата на скаути. Нашиот пат не е да се купи играч на 26 или 27 години, туку оптимална возраст е 18 или 19 години“, вели Оливеира.