Англија по четврти пат во својата богата фудбалска историја ќе игра во полуфинале на Светско првенство. Таму ќе ги чека големиот ривал Аргентина со Лионел Меси.
Од стартот на дуелот Англија - Норвешка во Мајами немаше големи моменти за одбележување ниту шанси за паметење. Англичаните во првите 30-ина минути имаа теренска иницијатива, имаа посед и контрола врз настаните но не создадоа сериозни шанси.
И како што во фудбалот обично се случува, Норвешка прва поведе. И тоа како! Со спектакуларниот гол на Шјелдеруп кој од косо од лева страна шутираше или центрираше кон голот на Пикфорд а топката заврши во мрежата.
Лудо славје меѓу Норвежаните за водството.
Овој гол како целосно да ги ослободи скандинавците кои почнаа да летаат по теренот, веројатно психолошки ослободени од притисокот. Имаа неколку шанси за нов гол за да ја фрлат Англија на колена но не ги искористија.
Тоа Англичаните го казнија и преку Џуд Белингем во втората минута од судиско продолжение во прв дел израмнија на 1-1. Ѕвездата на Реал Мадрид го совлада Ниланд и го израмни резултатот.
Во вториот дел немаше голови а Норвежаните и во овој дел од натпреварот беа далеку подобар ривал, трчаа повеќе и создаваа можности но не го совладаа по втор пат Пикфорд. Англичаните во одредени моменти се бранеа со 10 играчи пред својот гол.
Издржаа избраниците на Томас Тухел искусно да го одбранат својот гол и го однесоа натпреварот во продолженија.
А таму само една грешка на најдобриот голман на Светското првенство до тој момент, 35-годишниот норвешки голман Ниланд им овозможи на Англичаните да поведат со 2-1!
По еден шут од далечина Ниланд не ја фати топката во раце, ја испушти одбивајќи ја баш до Џуд Белингем кој навремено реагираше и го реши победникот за огромно славје на сите Англичани во светот.
Англија со оваа победа од 2-1 против Норвешка оди во полуфинале на мегдан со големиот ривал Аргентина.